Уставниот суд ќе одлучува дали ќе отвори постапка за одлуката за распуштање на Собранието

По завршувањето на денешната седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија, судиите на работен состанок ќе расправаат по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во интервју за МИА рече дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на работниот состанок.

Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што е закажан работен состанок на судиите.

Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.

Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.

Пред уставните судии денеска треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.