Мурати: Уставниот суд утре ќе одлучува дали ќе отвори постапка за одлуката за распуштање на Собранието

Претседателот на Уставниот суд на Република С. Македонија, Сали Мурати во интервју за МИА најавува дека утре, по завршувањето на седницата, на работен состанок ќе се расправа по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

Мурати вели дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник на Република С. Македонија“ бр. 43/2020), во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.

Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.

Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.

Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.

Пред уставните судии утре треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.

Мурати во интервјуто се осврнува и на оспорената владина уредба за намалување на платите на функционерите што предизвика реакции во јавноста.

Дали на оваа седница на Уставниот суд ќе се најдат и двете одлуки на шефот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба на целата територија?

– Дневниот ред за седницата која треба да се одржи оваа среда (6 мај) е објавен јавно, при што во точката 1 од делот од кој се однесува на оценување на уставност и законитост е предвидено разгледување на точката 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредната состојба број 08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република С. Македонија“ бр.68/2020), донесена од Претседателот на Република С. Македонија.

По однос на втората одлука на претседателот на Републиката за утврдување на постоење на вонредна состојба, можам да Ве информирам дека има оформен посебен предмет и штом се изготви реферат ќе биде предложен за разгледување на седница на Судот.

Во Уставниот суд се работи и на иницијативите поврзани со уредбите на Владата. Кога може да се очекува одлуки по овие иницијативи ?

– Досега имаме примено иницијативи за уставноста и законитоста на речиси сите досега донесени уредби со законска сила од страна на Владата. Се работи за огромен прилив на нови предмети за краток период и најголемиот дел се веќе дадени во работа, при што повторно нагласувам, веднаш штом ќе бидат изготгвувани рефератите по овие предмети ќе бидат на дневен ред за одлучување.

Ваш коментар во врска со Уредбата за намалување на платите на функционерите. Некои уставни судии најавија дека ќе се откажат од дел од својата плата и парите ќе ги донираат за борба со коронавирусот, но оти Уредбата ја поништиле бидејќи не е уставна.

-Мојот став по однос на оваа уредба го изнесов на седницата на Судот кога истата беше разгледувана и беше одлучено да се поведе постапка за оценување нејзината уставност и законитост. Оваа постапка е во тек и се уште нема донесено конечна одлука како што се наведува во Вашето прашање.

Притоа, морам да констатирам дека во јавноста беа пренесени невистинити наводи за моето излагање по однос на оваа точка од дневниот ред.

Исто така, сакам да посочам дека со оваа одлука, Судот не е против солидарноста во борбата против коронавирусот, туку едногласен став на Судот е дека уредбите со законска сила како што е оваа, мора да бидат во согласност со Уставот и со законите.

Никој од судиите не ја оспори или е против легитимната цел – обезбедување средства за борбата со пандемијата, туку е спорен начинот на кој тоа е сторено – преку норми за чија неуставност и незаконитост постои основано сомнение.

Заштитата на уставноста и законитоста е уставна задача на Судот и тој мора да реагира и да ги обезбеди и во услови на вонредна состојба.

Што се однесува до донирањето средства пред некој ден на прашање од еден од медиумите одговорив дека јас лично ќе донирам 20 проценти од мојата нето плата за месец април и дадов предлог до другите мои колеги, но сепак тоа е лична одлука.