Николов: Власта го намалува бројот на тестови со цел манипулации и дневно политички пресметки

Дојдени сме во таа фаза на епидемијата со корона, да секојдневно се соочуваме со човечки трагедии. Борбата со вирусот ниту е предвидлива, ниту е лесна, а бара систематски и организиран пристап.

За да знаеме точно со што се соочуваме и каков и колкав ни е противникот, потребно е да имаме што повеќе тестирани граѓани. Особено потребно е да се тестираат ризичните групи, а тука спаѓаат и лекарите и здравствените работници.

Деновиве, сведоци сме дека власта го намалува бројот на тестови и тестирани граѓани, а со самото тоа го намалува и бројот на ново дијагностицирани пациенти. Постојат болници во кои поголем број од персоналот е позитивен на корона, но и покрај тоа не се тестира целокупниот персонал на лекари и здравствени работници. Која е целта? Како тогаш ќе застанеме и ќе ја знаеме вистинската епидемиолошка состојба?

Како ќе можат да се предлагаат мерки и постапки за борба со епидемијата, мерки кои ќе дадат резултат?

Се поставува прашањето дали тие болници се извор на зараза? Дали персоналот е извор на зараза или можеби закана за граѓаните?

И додека сите соседни земји, го зголемуваат бројот на дневно реализирани тестови, кај нас власта никако да сфати дека тестирањето не смее да се користи за манипулација и дневно политички пресметки. Тестирањето е од јавен интерес.

Апелираме и бараме уште еднаш, тестирањето за корона да биде на увид на стручно тело, потребен е сериозен пристап, потребно е професионално да се вклучат сите надлежни институции, потребно е да се престане да се манипулира на граѓаните.

Потребно е Венко Филипче да престане да манипулира и да почне да работи.