Крушево ги преживува најтешките моменти. Вонредната ситуација и пандемијата го запре крвотокот на градот. Има тројца со крона вирусот – еден почина, друг оздраве, третиот се бори со заразата. Се преживува од ден-за ден со мерките за заштита, за дезинфекција, со отворените прашања каква е здравствената ситуација. И без полициски час, нема кој да прошета низ улиците и падините, велат граѓаните и нагласуваат – сите се прибираат во селата зашто е изолирано, заштитно и осамено.
– Во Крушево се живее нормално, ако се почитуваат мерките. Оваа сиуација секаде ќе се одрази, не само во Крушево. Кај нас, останаа пензионерите и постарите. Младите заминаа, голем дел се одама иселени во другите градови. Сега сакаат да дојдат, да се изолираат. Крушево главно живее од туризмот. Нема доволно маркетинг за да заживее. Сега ситуациите се тешки. Во Крушево и не треба полициски час. По 15 часот, нема „жив човек“, вели крушевчанецот Анастас Ристески кој се занимава со органско производство на малини и одгледува пчели.
Крсте Николоски пак наведува дека добро се живее за пензионери, додека помладите одамна заминле.
– Сето ова има влијание на туризмот, а Крушево живее од тоа. Овдека имаме туѓи-нашинци, заминати од градот во другите места, ама доаѓаат за рекреација. Интересно е дека сите сакаат на село, оти е изолирано, спокојно, без здравствени проблеми, вели Николоски.
Ова е сликата за Kрушево среде пандемијата. Крушевчани се дома, нема гости, не е потребен полициски час да ги прибере.
Прошетката низ Kрушево го дава одговорот: градот на музеите, седум се на број, на меѓународните параглајдерски натпревари, сега ниту има музејски посетители, ниту странски кои ќе уживаат во слободата на летањето. Крушево е, суштински, приземјено и мирно.
Градот на музеите, два месеца е без посетители. Историјата е зад затворени врати, а традицијата во кругот на семејството.
Директорот на Крушевскиот музеј, Зоран Богески вели дека последиците се повеќекратни, а нема можност ни да се обноват спомениците.
– Крушево е погодено како град на музеите. Речиси два месеца не се примаат посетители. Се надеваме оваа состојба набрзо да заврши зашто трпиме повеќекратни штети и последици. И сопствените приходи за функционирање ни се скратени. Крушево е посебно место со посебна клима што бара посебно одржување на објектите, па многу директно не погодуваат сите мерки и целата ситуација. Нема екскурзии, помина пролетната сезона, се уште немаме проценка, но базирајќи се на претходните години штетата е голема. Се обидуваме да ги реализираме годишните програмски активности. Не сме во можност да ги изведуваме поголемите проекти кои значат директен контакт со луѓето, објаснува Богески.
Откажани се две третини од меѓународните натпревари во параглајдерство и змејарство. Од тоа преку летото Крушево живееше. Нема да стигнат очекуваните преку 2 500 странски гости. Најпогодени се угостителите кои преживуваат, ама, велат, ги задржаа вработените Очекуваат владини мерки за помош.
– Крушево, едноставно, живее од туризам. Нема да има туристи, ние угостителите не работиме, а вработените мора да ги плаќаме, а ако ги испуштиме, никогаш нема да ни се вратат. А дефицитарни се готвачите и келнерите. Сега, едноставно, преживуваме. Ако потрае, ќе биде огромен проблем. Се надевам дека со сетот мерки на Владата ќе може да се плаќаат придонеси, минимална плата. Колку-толку да ни се помогне за да може да опстанеме. Најголем проблем е со откажувањето на меѓународните параглајдинг-натпреварувања зашто, факт е, последните години Крушево од тоа живее. Фокусирањето на домашните гости не го решава проблемот. Охрид може да се снајде, но Крушево е специфично место и оваа ситуација е огромен проблем. Се надевам дека ќе преживееме, зашто ненадоместливо е по 40-ина години угостителство, да затворам, објаснува Жан Здравески – Шапе, еден од најпознатите угостители во Крушево.
Според крушевскито градоначалник Томе Христоски, неопходно е престројување и солидаризирање. Сега се очекуваат само домашните гости.
– Ова лето очекувавме од 2.000 до 2.500 странски туристи, а бројот ќе се зголемуваше, зашто растат капацитетите во градот. Имаме нов хотел, нови услуги, како планинскиот велосипедизам и многу спортски настани кои требаше да се одржуваат. За жал, се откажаа 70 до 80 насто од настаните, како меѓународните натпревари во параглајдерство, па и подготовките за светското првенство во змејарство за 2021 година, а требаше да се одржат сега. Сега не може точно да се каже колкави се загубите. Се следат состојбите преку приходот од туристичката такса, давателите на услугите, преку хотелиерите. Мора заедно да го надминуваме. Сите да се солидаризираме и да се приспособиме на новонастанатата состојба. Пазарната економија не ни дозволува ние да ги намалиме цените на услугите. приспособувањето мора да го направат туристичките капацитети. Преку ЗЕЛС и Пелагонискиот регион доставивме низа мерки и очекуваме повратна информација – намалување на таксата, намалување на цената за издавањето пред простор кој го закупуваат рестораните. Очекуваме да се изјасни Владата, објаснува Христоски.
Највисокиот град на Балканот, историско Крушево ги чека подобрите – безбедни времиња. И, им се надева.