Европската Комисија (ЕК) предлага да се обезбедат три милијарди евра макрофинансиска поддршка за десет земји од нејзиното непосредно соседство, вклучително и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската Комисија смета дека оваа поддршка е потребна за да се ограничат негативните економски и социјални последици од здравствената криза со коронавирусот.
За Северна Македонија, ЕК предлага да се издвојат 160 милиони евра, за Албанија – 180 милиони, за Босна и Херцеговина 250 милиони евра, Косово – сто милиони евра, Црна Гора – 60 милиони евра.
Надвор од земјите од Западниот Балкан, европската извршна власт смета дека ќе им бидат потребни 150 милиони евра на Грузија, 200 милиони на Јордан, сто милиони евра за Молдавија, 600 милиони евра за Тунис и 1,2 милијарди евра за Украина.
Ова е дел од новата стратегија позната како „Тим Европа“ на Европската Унија, чија цел е да им се помогне на земјите партнери.
-Европската солидарност не застанува на границите на Унијата. Затоа што во оваа глобална криза стоиме или паѓаме заедно. Денеска Европската Комисија презема одлучен чекор да им помогне на десет од нашите соседни земји во нивната борба против коронавирусот, ги повикувам Европскиот Парламент и Советот брзо да се усогласат околу овој важен пакет, изјави еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони.
Фондовите би биле на располагање дванаесет месеци во форма на заеми „со многу добри услови“ за да им се помогне на земјите да ги поткрепат итните финансиски потреби, да ја стабилизираат макроекономската состојба и да ги ублажат негативните социоекономски последици од здравствената криза, вели ЕК.
Предлогот сега треба да биде прифатен од страна на Европскиот Парламент и Советот на ЕУ, како двете ко-одлучувачки тела на ЕУ. Комисијата бара од двете институции итно да дадат зелено светло.
Првата транша би се ослободила штом биде усвоен предлогот, а втората транша од септември оваа година или почетокот од 2021, „доколку политичките мерки поврзани за неа се имплементирани навремено“, смета Комисијата.