ОРМ очекува дека скоро сите компании ќе претрпат штета од кризата предизвикана од коронавирусот

Очекувањата на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) се дека речиси сите компании ќе претрпат одредена штета од кризата предизвикана од коронавирусот. Кај некои тоа ќе биде како резултат на ограничувањата и забраните кои најмногу ги погодија фирмите од услужните дејности, кај други заради отсуството од работа на голем број на вработени, а кај трети поради застојот во снабдувањето со репроматеријали, но најмногу заради намалената потрошувачка.

– Очекуваме дека наскоро пандемијата ќе биде ставена под контрола и дека Владата час поскоро ќе почне со олабавување на ограничувањата, со што постепено ќе се нормализира животот, а во тие рамки и економските текови. Ние како организација сме подготвени и понатаму активно да учествуваме во креирање на плановите и мерките што ќе следуваат во наредниот период, вели претседателот на ОРМ Ангел Димитров.

Со цел да се добие попрецизна слика за обемот и последиците од кризата, ОРМ спроведува анкетно електронско истражување меѓу своите членки. Анкетниот прашалник е доставен до членките на ОРМ, но е достапен и за сите останати компании преку линкот: https://www.surveymonkey.com/r/org-rabotodavaci.

– Целта е што поголем број микро, мали, средни и големи компании од сите сектори да дадат информации за нивната тековна состојба и мерките што ги преземаат за да ги ублажат проблемите со кои се соочуваат во актуелната криза, како и за видот на поддршка што тие ја очекуваат од Владата, велат од ОРМ.

Врз основа на повратните информации, ќе бидат идентификувани итните потреби на бизнисот кои ќе бидат преточени во предлози до Владата.

ОРМ уште од почетокот на кризата поднесе свои предлог мерки до државните институции и значителен дел од нив беа прифатени од страна на Владата.