Се соочуваме со нова ситуација за сите нас и само со заедничка работа – надминувајќи ги националните граници, партиските и други поделби, и со соработка меѓу приватниот, невладиниот и јавниот сектор – можеме да се надеваме на успешно запирање на вирусот и евентуално пронаоѓање на вакцина, порачува американската амбасадорка Кејт Мари Брнс во отворено писмо до граѓаните на С. Македонија.
Во писмото, амбасадорката Брнс наведува дека овде во Европа, во САД и насекаде во светот, се соочуваме со фундаментални предизвици по животот, таков каков што го знаевме и дека данокот што Ковид-19 го зема во однос на човечките животи и нашето секојдневие беше речиси незамислив пред само шест месеци.
– Луѓето на нашите две земји, заедно со сите други држави погодени од ова, се здружени во жалоста кон починатите, грижата за заболените и очекувањата со претпазливост за евентуално враќање на нормалниот, секојдневен живот. Трогната сум од изјавите на сочуство што ми беа пренесени овде за жртвите во мојата земја. Во нашите мисли сме заедно со сите во С. Македонија што ги загубија саканите и праќаме желби за брзо опоравување на заболените од овој вирус, нагласува Брнс.
Вели дека ова е нова ситуација за сите нас и оддава признание за работата на Владата и за начинот на кој се справува со кризата. Без разлика на предизвиците што ни ги донесоа изминатите денови, амбасадорката посочува дека постојано гледа знаци на надеж и добрина.
– Ме охрабруваат секојдневните изрази на емпатија насекаде околу нас: на соседот кој им помага на постарите; на итните служби и на здравствените работници кои со сочуство се грижат за заболените; на продавачите; на возачите на камиони, на аптекарите и на многу други, кои продолжуваат да работат за нашите животи да продолжат колку што е можно понормално во овие неизвесни времиња; и многу други примери на човечла хуманост, нагласува Брнс.
Ограничувањата во секојденвниот живот, посочува Брнс во писмото, мене ми дадоа можност да научам нови работи, нови начини на комуникација и поврзување во време на социјално дистанцирање.
– Ни недостасува можноста да се среќаваме во живо. Наместо тоа, тимот во Амбасадата учи да работи од далечина, употребувајќи видео-конференциски врски за состаноци, со цел да ги задржиме нашите контакти и да продолжиме да создаваме нови. Ова не беа лесни промени за кој било од нас, но сите ја разбираме потребата за заедничка пожртвуваност за да ги заштитиме најранливите и да ја израмниме кривата, нагласува американската амбасадорка.
Заедно со други пријатели и сојузници, САД го даваат својот придонес за да и помогнат на Владата овде за справуавње со оваа без преседан криза.
– Минатата недела имав задоволство да најавам грантови во вредност од 1,1 милион долари за Светската здравствена организација и за УНИЦЕФ, за борба против Ковид-19 во С. Македонија. Овие фондови ќе се искористат да им се помогне на државните лаборатории за масовно тестирање, за обука и опремување на тимови за брза интервенција за истражување на позитивните случаи и за спроведување на анкети за следење на контактите, за помош за спроведување на скрининг на граничните премини, и за јакнење на комуникацијата со маргинализираните заедници кои би биле најранливи во случај на масовно ширење на заразата, вели во писмото Брнс.
Помошта, посочува таа, не доаѓа само од американската влада, туку и од американските невладини организации, приватните фондации и универзитетите се некои од најголемите помагачи во светот, а оваа криза не е исклучок.
– На пример, Универзитетот Браун и Проектот ХОПЕ неодамна завршија со онлајн обука против КОВИД-19 за 40 лекари и медицински персонал од С. Македонија. Овие медицински лица го пренесуваат тоа што го научиле и обучуваат други низ целата земја, помагајќи да се зголеми знаењето и вештините на здравствените работници кои се на првите линии на справувањето со болеста, вели американската амбасадорка Брнс.
Приватниот сектор, исто така е вклучен во справувањето со предизвикот, со компании од целата земја кои даваат сопствен придонес за спраување со пандемијата.
– Многу донираа парични средства или заштитна опрема и производи, направија промени во производствените линии или пак ги замрзнаа цените. Некои, како Гугл или Епл, се согласија да го забрзаат процесот на вклучување на корона апликациите. Други компании, како КФЦ, се фокусираа на здравјето на лицата кои се прив на удар, како службите за итна помош, на лекарите и медицинскиот персонал, донирајќи здрава храна и оброци, посочува во отвореното писмо американската амбасадорка.
За среќа, додава таа, нашиот ангажман не е ништо ново и е граден повеќе од две децении прекy американски инвестиции и поддршка за здравствените системи и системите за управување со кризи во С. Македонија.
– За ова време имаме обезбедено над 11 милиони американски долари за здравствениот сектор, дел од вкупната помош од над 730 милиони американски долари. Овде спаѓа и финансиската помош за реновирањето на националната лабораторија, која сега ги обработува повеќето тестови за Ковид-19, вели Брнс.
Според неа, претстои многу работа откако ќе заврши овааа закана и во тоа САД ќе останат наш постојан партнер.
– Мојот тим и јас веќе размислуваме за она што ќе следи и како да помагаме за работите да се вратат во нормала. Среде оваа криза, вашата земја официјално се приклучи кон НАТО и доби покана да ги започне преговорите за членство во Европската унија, две достигнувања за кои работевте со децении. Уверена сум дека од ова искуство ќе излеземе посилни, нашето партнерство ќе биде подлабоко, и заедно ќе можеме да градиме нови можности за да помогнеме да ги реализирате вашите аспирации за силна, динамична и отпорна иднина, стои во отвореното писмо на американската амбасадорка Брнс.