Архимандрит Партениј: „Секое зло за добро“ – во ова богодопуштено време да се пронајдеме себе во себеси

Преку несреќите и искушенијата што ни се случуваат во животот духовно се зацврстуваме и се просветлува нашиот внатрешен вид. Преку молитва, покајание и смирение, и ова искушение може да се претвори во општо добро. Нашиот народ честопати повторува една преубава изрека: „Секое зло за добро“. Ова не се само празни зборови за некому да му се даде некаква плитка утеха. Напротив, оваа фраза крие во себе длабока теологија. Сѐ станува според Божјо допуштение. Во секое искушение што нè снаоѓа, треба да ја пронаоѓаме Божјата семилостива промисла за нас и да го исползуваме тоа испитание за сечие добро.

Ова го порачува архимандрит Партениј, игуман на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ во интервју за „Битолски весник“, осврнувајќи се на актуелната пандемија на Ковид-19 со која се соочува човештвото и влијанието врз духовниот живот на луѓето, особено во пресрет на големиот христијански празник Велигден.

– Денес несомнено, човештвото ја покажува својата крајна немоќ; гордиот и супериорен ‘над-човек’,  самозамислениот ‘господар на светот’, сега, во 21 век, во екот на најголемата технолошка експанзија, го гледаме стуткан од страв, испаничен и немоќен. Се плаши и се крие од еден непријател, толку „голем“ што не е дури ни видлив за човечкото око. Гледате каква иронија?! И трагичното не е тоа што сега нè камшикува некоја казна Божја – не, туку нè камшикуваат плодовите на нашите сопствени дела. А зошто е тоа така? Затоа што мнозинството луѓе се оддалечија од својот Отец и Творец. И сега ги жнееме плодовите на тоа оддалечување. Се оддалечивме од Бога, а со тоа се оддалечивме и од самите себе и од нашите ближни. Станавме идоли самите на себе. Ја изгубивме страхопочитта кон Бога, а со тоа и почитта меѓу себе. Човештвото се беше впуштило во една безумна трка за материјални богатства, слава, моќ, суета…, вели отец Партениј.

Потсетува на една негова проповед дека современата цивилизација во многу нешта наликува на ужасен ѕвер, кој немилосрдно трча да консумира сѐ што ќе види; доколку не успее да консумира баш сѐ, тогаш тој останатото го расфрла, уништува, гази под нозете.

– Ја претвори планетата во масовна гробница на природата, но и на човечкиот дух. Желни за што поголема материјална заработка, работодавците безобѕирно ги принудуваат работниците да работат и во неделите, на празниците, не оставајќи им простор и време да отидат в црква да се помолат и да поминат малку повеќе време со семејството. Од друга страна, и многумина од работниците доброволно се согласуваат да работат на празници и прекувремено, за што поголема печалба, без да бидат свесни, и едните и другите, дека на тој начин прават дисхармонија во човечките души, во семејната клима, а со тоа и во целото општество. И ете, дојде време таквата неблагословена оптовареност да си го наплати данокот, укажува архимандрит Партениј.

Затоа, вели, сега ни се наложи по неопходност да се прибереме, да се смириме, да бидеме мудри и да го исползуваме ова богодопуштено време, оваа своевидна општа епитимија, за да се пронајдеме себе во себеси, поврзаноста со нашите со-луѓе, доброволно да ги запазуваме начелата на верата, празниците, молитвата, постите, семејните вредности и меѓусебните односи на топлина и радост.

За сегашната ситуација, вели отец Партениј, не би можеле да обвиниме никого, или поточно, сите ние сме винови, зашто сите ние „грешевме и беззаконувавме и ништо добро не направивме пред Бога, кој сега ни испраќа можност да ги увидиме милоста Божја и даровите што Он секојдневно ни ги испраќа, како и вредностите на животот што му даваат смисла на нашето постоење.

Т.н. теории на заговор и апокалиптични заплашувањата дека се случува крајот на светот, според него, се панични изливи што сеат само страв, несигурност и поматеност во мислите и срцата на луѓето, немаат допирна точка со православното богословие, туку напротив, го одвраќаат човекот од правилната насока на покајание и богомислие.

– Нашата православна теологија е теологија на Евангелието, на благата, радосна вест. Ние Го чекаме прекрасниот наш Христос, а не некој друг. Така што, сметам дека не е полезно да си го трошиме краткото време од нашиот живот на нешта што нема да ни донесат полза, туку на она според кое ќе бидеме препознаени од Господа, а тоа е – љубовта. Да внимаваме, да не случајно, окупирани во мислите и во срцето со антихристот, Го изгубиме Христа…, нагласува архимандрит Партениј.

За животот во Бигорски во сегашните услови, вели дека манастирското секојдневие останува непроменето, богослужбениот живот се одвива непречено, со исклучок на тоа што периодов го нема вообичаениот интензитет на посетители. Со цел да им се овозможи на верните барем на некаков начин да се придружат во молитвите на монашкото братство, во изминатиов период се вршеа директни преноси на дел од богослужбите преку официјалните профили на манастирот на социјалните мрежи.

Велигденските празници во четирите манастири со кои раководи, ќе бидат одбележани според одлуките на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, по угледот на останатите помесни православни цркви, како и мерките на државните и здравствените власти што ќе важат во празничниот период. Во манастирите ќе се извршуваат сите богослуженија, но практично нема да бидат во можност да примаат верници.

– Оваа година, Бог допушти никаде во светот да не може да има масовна прослава на Неговото Воскресение. Причините за тоа веќе ги изложивме – Он нè повикува на поголемо покајание и себеиспитување, на враќање на човекот кон човечноста, на поголема почит кон Творецот и кон севкупното Негово создание. Иако за Велигден храмовите насекаде беа, можеби, полни, прашање е колку искрено Го баравме и Го почитувавме Бога и дали правилно ги славевме Неговите празници. Затоа, овој Велигден да дозволиме зраците од Воскресението да продрат во нашите срца, очистени преку подвигот на покајание, молитва и добри дела кон ближните, та исполнувајќи се со неговата обновувавчка сила, да извојуваме победа не само против искушението со вирусот, туку и против многу пострашниот непријател – човечката крајна неосетливост, себичност и самодеструктивност, кои доведоа до ваков развој на настаните. Повеќето верници оваа година нема да имаат можност да појдат во храмовите и да се причестат на самиот ден Велигден, но преку молитвата и благодарноста, Божјата благодат ќе ги посети и озари нивните души, порачува архимандрит Партениј.

Потсетува дека во литургиска смисла празникот на Воскресението Христово трае во продолжение од 40 дена, т.е. до празникот Вознесение, па затоа древна пракса е Христијаните дотогаш да се поздравуваат со поздравот: „Христос воскресе“. Да се молиме и да се надеваме дека до Вознесението Господово оваа кризна состојба ќе биде надмината, така што да можеме да се собереме во нашите храмови и соборно да се израдуваме на Христовото Воскресение, вели отец Партениј .

Тој се надева и дека со Божја помош ова глобално искушение ќе биде надминато, и ќе може непречено да биде прославен големиот јубилеј – 1000 години од основањето на Светата Бигорска Обител и 25 годишнината од возобновувањето на монаштвото во Бигорскиот манастир, што со благослов митрополитот Дебарско-кичевски, г.Тимотеј и целиот Синод на МПЦ-ОА, е предвидено да се случи на 18 октомври годинава.

Во меѓувреме продолжуваат подготовките – се подготвува документарен филм, песна со видеоспот, неколку книжевни изданија, изложба на икони и предмети со духовна и културна вредност од Бигорски во соработка со МАНУ. Се планира, исто така, и медиумска кампања за подигнување на јавната свест за значењето на јубилејот. Но, сето ова, вели архимандрит Партениј, зависи од тоа колку долго ќе трае оваа криза, како и од финансиската помош што ја очекуваат од државата, од фирми и поединци што имаат разбирање и добра волја да помогнат, но и свест за огромното историско значење на Бигорскиот манастир, кој не е само едно локално светилиште, туку духовен центар со суштествена важност за целиот наш народ.