Прилепскиот архив со два милиона листови – документи за два века историја

На околу два милиона листови-документи прилепскиот архив чува факти за животот во сите сфери во Прилеп и уште пет општини во регионот за период од речиси два века, вели директорот на одделението во Прилеп, Габриела Николоска.

– Прилепскиот архив е меѓу најстарите во државава формиран 1955 година. Ја чува документацијата од Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Пласница, Долнени, Кривогаштани и опфаќа околу 160.000 жители. Сервис сме на граѓаните за да го најдат сопствениот идентитет и да најдат сопствени докази за постоењето. Во депоата на архивот располагаме со 802 фонда со осум збирки документи, над 8.000 книги, илјадници фотографии, аудио и видео записи кои ги чуваат фактите за животот на овие простори: од политиката до спортот во речиси два века, вели Николоска.

 

Истакна дека се чуваат документите на инситутиците од сите области: судството, обвинителството, од здравството, урбанизмот, образованието, како и документација од познатите прилепски смејства (Бомболовци, Митриќевци) што ја дава целокупната слика на животот во Прилеп.

– Ако се наредат сите документи би биле во должина од 60 километри. Најстариот документ што го чуваме е од 1830 година. Станува збор за инвентарна книга од манастирот во селото Слепче, вели Николоска.

Годишно од граѓаните стигнуваат до илјада барања за препис на некој документ, главно од практични причини, но има и интересни барања.

– Граѓаните, главно, бараат урбанистичка документација, многу често за загубени свидетелства и, за жал, многу се бара документацијата за доказ на работниот стаж. Обемна работа имаше кога голем дел фирми заминаа во стечај, сета документација ја архивиравме, па во периодот на легализацијата. Последните години граѓаните бараат и да состават семејно, родовско стебло за да го дознаат потеклото. Доаѓаат и велат: „Сакам да ми направите семејно стебло“. Ние тоа не можеме, туку сами треба да работат во истражувачкото одделение, зашто надвор ниту еден лист документ не смее да се изнесе.Кога ќе видат колку работа треба, некои и се откажуваат, објаснува Николоска.

Инаку, во последните години се поднесени и преку 2 500 барања за увид во бугарски документи за вадење бугарски пасоши.

Прилепскиот архив чува и многу документи, фотографии, плакати за одредени настани од животот низ децениите. За дел од нив направена е и изложба.

– Имаме документи на семејства за уписи на странски факултети, пример во Австрија, од донаторски акции, за паризанските читачки друштва, за одржани игранки, брјни плакати за настани, објави, честитки, фотографии на значајни собири, личности, па и записи од секојдневните случувања на граѓаните. Сѐ што го прави животот во градот низ децениите и вековите. Интересно е што од еден приватен фонд можете да го видите целиот општествен живот, вели Николоска.

Прилепскиот архив поседува, како и другите одделенија во државава, турски дефтери кои, главно, чуваат имотни тапии, скици, но сета документација треба да се преведува и да се архивира. Недостасува и електронското архивирање.

– Преку државниот архив на Македонија полека почнува процесот, а ќе биде долготраен и обемен, за превод од османлиски на турските дефтери и нивно архивирање. Потребно е и скенирање и електронска евиденција на документацијата, но тоа е работа која ни следува. И секогаш имаме недостиг од кадар. Во моментов се 17 вработени, објаснува Николоска.