Исплашени од корона, лозари се откажаа од садење иако имаа капарисани лозови калеми

Исплашени од коронавирусот, лозари од Тиквешко се откажаа од садење лозје оваа пролет, иако имаа резервирани и капарисани лозови калеми. Оваа информација за МИА ја потврдија од расадникот за лозови калеми во неготинското село Тимјаник.

-Поради ситуацијата со коронавирусот,  некои муштерии исплашени од економската криза што следува,  иако имаа договорени и капарисани лозови садници,  се откажаа од садење и ги откажаа садниците. Сепак, и покрај  ситуацијата, еден дел од лозовите садници добро се продадоа, бидејќи однапред беа договорени. Но, за жал,  овошните садници два месеца застанаа со продажба,  бидејќи пазарите и земјоделските аптеки не се секогаш отворени, ни рече Васе Мојсовска, сопственичка на расадникот.

Мојсовска, инаку претседател на Националната  федерација на фармери, појасни дека оваа година најмногу се бараа винските  сорти „темјаника” и ,,шардоне”,  но не изостана и стандардниот интерес за  сортите  „смедеревка” и „вранец”. Од  трпезните сорти,  најбарани биле „молдавија” и „мускат хамбург”.

-Ќе имаме економски загуби поради ситуацијата, но да сме здрави и живи,  тоа е најважно,  па се друго по ред. Инаку,  поради ситуацијата со короната,  имаме огромни проблеми и со новото производство на лозовите садници. Инвестицијата  е голема за производството на лозовите садници и беше направена во текот на зимата со купување  репроматеријал.  Токму  кога требаше да почнеме  со калемење на лозовите садници од 20 март,  два-три дена претходно  ги зарворија сите граници,  а калемарите за нив ни доаѓат од Србија.  Бидејќи  кај нас нема калемари за оваа работа, се бројат на прсти луѓе кои рачно калемат. Економските штети  ќе ги видиме на крај од годинава. Но пак ќе кажам, да е здрава и жива фамилијата, само здравје за сите,  друго  ништо не е побитно од тоа, децидна беше Мојсовска.