Лефтер Методиев-Манче е познат светски естетски хирург, трансплантер и универзитетски професор. Тој е еден од малите великани, кои го поминаа македонскиот дел од пеколот, ги изодеа македонските планини, Европа и светот, но никогаш не заборавија дека се Македонци. Лефтер Манче е роден на 29 септември 1935 година во село Загоричани, Костурско, егејскиот дел на Македонија. Се родил како петто (од шест) дете во семејството Џидрови. Неговиот татко Методи, заедно со 72 мажи од селото бил затворен од монархофашистите во април 1945 година и осуден на 101 година робија на егејските острови (1945 – 1961). Во текот на Ѓраѓанската војна во Грција, неговата мајка Александра (Цана) и тројцата браќа (Димитар, Стево и Харила) загинале како партизани, а Лефтер го одгледувале неговата тетка Јана Манчева (сестра на мајка му) и тетинот Стево, по кои го носи и презимето. По жестоките бомбардирања на македонските села во 1948 година, заедно со други деца од егејскиот дел на Македонија, Лефтер како тринаестогодишник бега преку преспанското село Љубојно и Битола во Будимпешта, Унгарија. Неколку месеци по доаѓањето во Будимпешта, децата бегалци биле распределени во прифатилишта во повеќе градови и села во Унгарија, а Манче бил со група од 21 дете од Загоричани. Загоричани Во Унгарија, Лефтер Манче завршил основно и гимназиско образование, а потоа како добар спортист го завршил Факултетот за физичка култура (1955-1959). Веднаш потоа ја остварил големата љубов кон медицината . Во 1959 година се запишал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Дебрецен. По дипломирањето со одличен успех во 1965 година, Лефтер Манче, најпрво, работи четири години како помошник доктор, а по положувањето на испитите во октомври 1969 година и со стекнувањето на титулата доцент, работи како асистент-професор на Универзитетската хируршка клиника. Во 1973 година, тој бил испратен од Универзитетот во Киев, тогашен СССР, и откако се појавила неговата студија за рак на дојката во Германија, во април истата година бил поканет на водечкиот Институт за истражување на ракот Финсен во Копенхаген, Данска. Таму останал два месеца, а потоа решава својата специјализација да ја продолжи во Канада. Во јуни 1973 година, Лефтер Манче емигрирал во Канада. Објавувањето на неговите студии во меѓународни реномирани медицински списанија, му овозможуваат од канадските власти да добие трајна виза за престој, по што ја започнал битката да го доведе и своето семејство. По долги шест месеци, унгарската влада дозволила неговата сопруга и двата сина да дојдат во Канада. Меѓутоа, во Канада не му биле признати испитите, па морал да почне од почеток. Во текот на наредните две години ги положува американските испити, а од 1975 до 1979 година работи на Катедрата за општа хирургија на Универзитетската клиника во Отава. Во 1979 година ги положил канадските хируршки испити и во 1980 година Лефтер Манче ја отворил првата приватна клиника за естетска хирургија во Канада. Согледувајќи дека може многу повеќе да придонесе во естетската хирургија, почнал да патува по светот, посетувајќи познати специјалисти од оваа област. Тој го собира потребното знаење, по што почнува да работи како оператор-специјалист за трансплантација на коса, липосукција, пластика на лице, на очи и на гради. Во 1984 година заминал за Кан каде присуствувал на Првиот светски конгрес на пластичари за липосукција, по што започнал да извршува хируршки интервенции. Неговото име се појавило на канадските медиуми, а во 1986 година го пишува првиот вовед по липосукција кој истовремено е прва ваква статија од областа на естетската хирургија во Канада. Истата година во Будимпешта, одржал предавање на оваа тема, а неговите написи за липосукција се појавуваат во канадските, унгарските и француските медицински списанија. По 1987 година, на оваа тема Лефтер Манче одржал повеќе предавања ширум светот, а доктори од целиот свет доаѓале кај него бесплатно да се обучуваат. Д-р Манче ги обучувал и првите унгарски и македонски пластични хирурзи. Во 1995 година, на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, д-р Лефтер Манче во соработка со сега веќе починатиот проф. д-р А. Мишковски, ги извршил првите операции за липосукција и трансплантација на коса. Потоа соработува и со други македонски колеги, а вршел операции и на приватната клиника „Ре Медика”. Во 2002 година, заедно со син му ја отворил и меѓународната Клиника за трансплантација на коса „Атлантик” во Будимпешта (Atlantik Hajatultetesi Klinika, Budapest), па оперирал паралелно во Канада и Унгарија, како и во Скопје. Д-р Лефтер Манче до 2006 година, само во Канада извршил повеќе од 10.000 оперативни зафати на трансплантација на коса, липосукција, естетика на гради, пластика на лице и очи. Член е на угледните друштва и институции: The Royal College of Surgeons of Canada; The International Society of Cosmetic Surgery; The American Academy of Facial Plastic & Reconstructive Surgery и член основач на The American Academy of Cosmetic Surgery и на The International Society of Hair Restoration Surgery. Иако е познат светски хирург за естетска и пластична хирургија, д-р Лефтер Манче никогаш не го заборавил своето македонско потекло. Повеќе од две децении тој со својата кореспонденција ја промовира вистината за Македонија. Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, па сè до денес, тој се вклучува во борбата за признавање на Македонија. Пишува писма до Советот за безбедност (1992) и има преписка со бројни и значајни личности на политичката сцена, меѓу кои и со поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој го уверува дека Македонија ќе го добие кандидатскиот статус на ЕУ. Тој се допишува со Ван дер Штул, Солана, Робертсон, како и со други владини министри на Унгарија, Канада и Австралија. Д-р Лефтер Манче е еден од малите великани, кои го поминаа македонскиот дел од пеколот, ги изодеа македонските планини, Европа и светот, но никогаш, каде и да се, не заборавија дека тие им припаѓаат на своите села, градови и на својата родна грутка Македонија. Како Македонец и патриот, д-р Манче често учествувал со помош за добротворни цели на институции и поединци во Македонија. Значајно е да се одбележи дека д-р Лефтер Манче е автор на голем број научни трудови објавени во светот. Во исто време, тој е автор и на делото „Културно однесување” на автобиографијата „Патот до врвот” и на најновата книга „Мојата борба за македонското име“. Отава Монографијата „Патот до врвот” (2015) е негово автобиографско дело на македонски јазик, со 460 страници и со голем број на фотографии,. Тој во делото се јавува како љубопитен патеписец, ангажиран репортер на сè она што го памети на своите многугодишни патувања, средби и разделби. Во автобиографијата се дадени бројни документи за средбите и преписките со голем број видни личности од светот, бројни значајни податоци за Македонија, за Канада, за светот, текстови од неговиот живот како хирург, хуманист и светски патник. На промоцијата на неговото автобиографско дело беше нагласено дека д-р Лефтер Манче е роден во Егејска Македонија, израснал во Будимпешта, а живее во Отава. Меѓутоа, иако тој го прокрстарил целиот свет, секаде се чувствувал како Македонец. Затоа, со право се вели дека д-р Лефтер Манче е еден од големите познати бранители на уставното име на Република Македонија и на вистината за македонскиот народ и етничка Македонија. Но, се чини најзначајно е тоа што д-р Лефтер Манче живее со спомените на неговите браќа Димитар, Стево и Харила од село Загоричани, Костурско, кои своите животи ги дадоа за Егејска Македонија и беа жртви во Граѓанската војна во Грција, Д-р Лефтер Манче е основач на „Здружението на Македонците од Загоричани” и спонзор на Загоричанската вечера која секоја година, под негово покровителство, ја организира ова здружение. Тој е голем донатор и хуманист кој ги помага Македонците и нивните организации и списанија во сите делови на Македонија. Со одлука на Четвртото генерално собрание одржано на 10 и 11 август 1996 година, Светскиот македонски конгрес, како неформален Светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, му го додели највисокото светско семакедонско признание на доктор Лефер Манче за живот и дело, почесната титула „Македонски сенатор”. Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |