VI ДРЕВНА МАКЕДОНИЈА ВО ПРАИСОТИРСКИОТ ЕГЕЈ (ДЕЛ V)
На просторите на Македонија, Бригите најверојатно дошле помеѓу Кадмовата миграција во земјата на Енхелејците во 1313 година пред Христа и аргонаутската експедиција во 1225 година пред Христа. Петрова Е. во монографијата „Бригите на централниот Балкан во 2. и 1. милениум пред Христа“,26 смета дека миграцијата на Бригите и Мизите од централно-балканските простори се одвивала во повеќе бранови и правци.
26 Петрова Е., Бригите на централниот Балкан во 2. и 1. милениум пред н.е., Скопје, 1996.
Првиот поголем бран бил околу 1500-1400 година пред Христа во правец на Мала Азија. Вториот, помал бран во истиот правец, уследил по Тројанската војна, т.е. 1183 година пред Христа. Третиот бран бил во правец на Епир, Грција и Италија околу 800-700 година пред Христа и дека фригијската држава исчезнала на почетокот на VII пред Христа,27 додека миграцијата на Бригите од Балканот хронолошки се поврзува со 1200 година пред Христа кога се случил и падот на државата на Хетитите.
27 Thomson, G.: I Arhaia Eilliniki Koinonia-to-Proistoriko Algaio, p. 291, Athina, 1954.
Третата или античката македонска династија на Аргеадите од Орестида
По Тројанската војна, миграцијата на „народите од морето“, движењето на Дорците и по рушењето на Микенската култура на Балканот, настапила епоха на превирања и несигурност кога доаѓа до помали или поголеми поместувања и дезинтеграција и распад на старите заедници.28 Овој период во историјата носи назив „мрачен период“ и трае сè до VII век пред Христа.
28 Грашанин, М., Настанак и порекло Илира, с. 9-76, Научни скуп, САНУ, Илири и Албанци, Београд, 1988, Гавела, 1988; Papastavrou, I., Istoria tis Arhaias Ellados, Hiotelli, Athhinai, 1972
Во историографијата е утврдено дека по „мрачниот период“, но пред класичното доба, на власт во Македонија дошла Аргеадската династија, која историчарите ја датираат околу 700 години пред Христа. Оваа династија го носи своето име според топонимот од каде потекнува и тоа од Аргос во Орестида, денешен град Рупишча, срез Костурски (Argos Orestikon), во западна Македонија, со родоначалникот Пердика.
Во борбите со Персијците и во врска со придонесот на Македонскиот крал Александар кон Грците, Херодот29 изнесува: „Седми по ред предок на овој Александар бил Пердика кој го основал македонското кралство и тоа вака: тројца Теменови потомци, браќата Гауан, Аероп и Пердика побегнуваат од Арг во Илирија, а од Илирија преоѓаат во горна Македонија и доаѓаат во градот Либеј. Тука се најмуваат да служат кај кралот. Првиот чувал коњи, вториот говеда, а намладиот од нив, Пердика, чувал кози и овци. Било тоа во време кога и кралевите, а не само народот, биле сиромашни и немале пари.
29 Herodot, Историја, VII, 137, Матица Српска, Београд, 1988.
Леб им месела и печела самата кралица. Но, кога го печела за најмалиот Пердика, лебот секогаш дупло би нараснал. И бидејќи истото секогаш се повторувало, му го соопштила тоа на својот сопруг. Штом кралот го слушнал тоа, се досетил дека тоа би можело да има некакво чудно значење и дека претскажува нешто важно. Тој ги викнал тројцата слуги и им наредил да ја напуштат неговата земја. Тие, пак, му соопштиле дека веднаш ќе си отидат штом ја примат платата која ја заслужиле. А, кога кралот слушнал дека тие сакаат плата, страшно се налутил и, бидејќи сонцето ги распослало своите зраци во куќата преку отворот на кровот низ кој излегувал димот, им рекол, бидејќи божеството го навело на таква лудост, покажувајќи со раката на сонцето:
„Ете, тоа ви е платата што сте ја заслужиле и која ви ја давам.“ Гауан и Аероп биле вчудоневидени кога го слушнале тоа, но најмалиот момок, бидејќи случајно имал меч, рекол: „Се согласуваме, кралу, да го примиме тоа што ти ни го даваш.“ Тогаш, со ножот нацртал сончев зрак на куќниот под и, цртајќи го, зграбил три пати сончеви зраци во своето крило па тогаш отишол и тој со другите браќа.“ Натаму, Херодот30 продолжува: „И момчињата дошле во другиот крај на Македонија и се населиле во близина на таканаречените градини на Мида, синот Гордиев, во кои растат диви рози, од кои секоја има по 60 листови и имаат поубав мирис отколку сите други рози. Во тие градини, според кажувањето на Македонците, бил заробен и Силен. Над тие градини се издигнува, поради студенилото, непристапната планина Бермион. Кога стигнале во таа земја, браќата оттаму тргнале и ја покориле целата останата Македонија.“
30 Исто, VII, 138.
Во завршниот дел, Херодот наведува: „Според тоа, од тој Пердика потекнува и овој Александар чија лоза изгледа вака: Александар бил Аминтин син, Аминта, пак, син на Алкет, а Алкетов татко бил Аероп, а Аеропов татко, пак, Филип, а Филипов татко бил Аргеј, а Аргеевиот татко бил овој Пердика кој ја основал државата.“31
31 Исто
Според хронологијата на античките македонски владетели, кралот Аминта I владеел од 540-495 година пред Христа; кралот Александар I помеѓу 495-452, кралот Пердика II од 452-212, кралот Архелај од 413-399, кралот Орест од 399-398, кралот Аероп II од 398-395, кралот Аминта II помеѓу 394-303, следи кралот Паусаниј, потоа кралот Аминта III од 393-370, кралот Аргеј II од 393-392, кралот Александар II од 370-368, кралот Пердика III од 368-359, кралот Филип II од 359-336, кралот Александар III Македонски-Велики од 336-323, следат кралевите Филип III, Арид 323-317, кралот Касандер 316-298, кралот Диметриј I од 293-283, кралот Антигон II, Гонат 276-239, кралот Диметриј II од 239-229, кралот Антигон III од 229-221, кралот Филип V од 221-179 икралот Персеј од 179-168 година пред Христа.
Хераклеја
И додека Јонија го родила таткото на историјата Херодот (485-425), дотогаш заслугата на Тукидид (460-400) од Атина е таа што ја подигнал историографијата до завидни висини и создал ремек-дело, едно од најголемите во Антиката. Тукидид32 во делот каде ја опишува војната помеѓу кралот Ситалко Одрижанин и македонскиот крал Пердика II во 429 година пред нашата, ги опишува областите во Македонија и вели: „Меѓу Македонците се вбројуваат и Линкестите и Елимејците и другите племиња од горната страна, кои се нивни сојузници и покорници, но имаат свои кралевства.
32 Тукидид, Повијест Пелопонеског рата, с. II, 99, Дерета, Београд, 1991.
Сегашната Македонија крај море ја стекнал најпрво Александар, татко на Пердика и неговите претци Теменидите, кои потекнуваат одамнина од Арг и станале кралеви после битката, протерувајќи ги Пиеријците од Пиерија, кои подоцна се населиле под Пангеја преку Стримон Фаргет и дурги места…, а од тнр. Ботија Ботијаните кои сега живеат во соседство на Халкиѓаните.
Од Пеонија стекнуваат некое тесно парче земја долж реката Аксиј, кој се простирал од внатрешноста до Пела и до морето, а преку Аксиј сè до Стримон владеат со таканаречената Мигдонија прогонувајќи ги Едонците. А ги избркаа од сегашната Еордија Еордијците, од кои многу загинаа, а еден мал дел од нив се населил околу Фиск, а од Алмопија Алмопијаните. Тие Македонци ги совладале и останатите племиња кои уште и сега во власт ги држат и Антемунт и Крестонија и Бизалтија и голем дел од земјата на самите Македонци. Сето тоа заедно се вика Македонија, а Пердика Александров бил нивен крал, кога Ситалко почнал да ги напаѓа.“
Продолжува
Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН