Честитка од Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 8 Април  Меѓународниот ден на Ромите упати честитка до припадниците на ромската заедница во  Република  Северна  Македонија.

-Со оваа честитка би сакал да ја искажам мојата почит за вашиот придонес во градењето и во зачувувањето на нашата татковина како дел од армијата, полицијата, образовните институции, здравствените институции, бизнисот и економијата, правото и правдата, администрацијата, дипломатијата, политиката, граѓанскиот сектор. Како и досега, сите заедно сме дел од секојдневната борба да обезбедиме достоинствен и квалитетен живот на сите во Република Северна Македонија без разлика на родовата, етничката, религиската, политичката или некоја друга припадност, се вели во честитката. 

Шефот на државата во честитката наведува дека не само денеска, туку и сите останати денови во годината, како држава не смееме да заборавиме на предизвиците и потребите на Ромите и на сите останати граѓани во нашето мултикултурно општество.

– Сите заедно имаме голема обврска да ја подобриме интеграцијата на Ромите, да создадеме општество во кое дискриминацијата и говорот на омраза ќе останат во минатото и ќе ги почитуваме човековите права на сите граѓани на нашата татковина. Отворено ја давам мојата поддршка за амбиент во кој сите креатори на политики, институциите и граѓаните, ќе покажат проактивност за решавање на проблемите со коишто се соочувате и сите заедно ќе ја исполниме нашата обврска и максимално ќе ги искористиме нашите капацитети и надлежности во овој поглед, стои во честитката.

Столб на нашата стабилност, развој и просперитет, како што се наведува, како мултиетничко општество е тоа што заедно сме во оваа борба и заедно ја градиме патеката за остварување на еднакви права и должности пред законот за сите граѓани подеднакво. 

-Нека ни е честит 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите! Bahtalo о 8. April sa e Romenge!, пишува претседателот Пендаровски во честитката.