Нови мерки за заштита од коронавирусот во Велес, градскиот пазар од понеделник до петок ќе работи од 7 до 14 часот

 Општински Кризен штаб во Велес донесе нови мерки за понатамошни активности во борбата со Ковид – 19 на подрачјето на општината. Како што информираат од Општина Велес, н а вчерашната седница биле донесени повеќе заклучоци.

Велешкиот кризен штаб го задолжи ЈКП „Дервен“ да донесе одлука за промена на работното време на Градскиот пазар во Велес и да биде отворен секој ден од 07:00 до 14:00 часот, освен во деновите сабота и недела поради полицискиот час.

Општина Велес беше задолжена да одржи состанок со претставници на сопствениците на поголеми и помали маркети и сопствениците на магацини за прехранбени производи од градот, со цел изнаоѓање начин за намалено движење на граѓаните во маркетите, да се организираат и овозможат онлајн купување и достава на производи и да информираат за можноста да се приклучат кон акцијата за донирање на прехранбени и хигиенски производи за социјално ранливите категории на граѓани од Општина Велес.

Останува во сила мерката за дезинфицирање на возилата на сите влезови во Велес, со поставување на уште еден пункт за дезинфицирање на влезот во близина на Ветеринарната станица.

Поради непристапноста на теренот во селата С’лп и Карабуниште, од страна на Општинската организација на Црвен крст да се обезбедат податоци за потребите од прехранбени производи на жителите на овие села, а Општина Велес, во соработка со Територијалната противпожарна единица да изврши достава со обезбеден превоз.
Општина Велес изврши набавка на медицинска заштитна опрема и тоа повеќенаменски скафандери и заштитни маски, како и  заштитни ракавици и тие се поделени на ЈЗУ Општа болница, Велес, ЈЗУ Здравен дом и Центар за јавно здравје во Велес.
Општина Велес прими донација од илјада заштитни маски од „ЈУ-КА” ДООЕЛ – Велес,  кои беа поделени на ЈЗУ Општа болница, Велес, ЈЗУ Здравен дом, Центар за јавно здравје и Територијалната противпожарна единица, Велес.
Од Општина Велес со цел вистинско и навремено пренесување на информации и да не се предизвикува паника кај населението, упатуваат апел до сопствениците на медиуми и уредниците на вести, професионално да постапуваат и изворно да ги пренесуваат информациите од имателот на информацијата.