Придобивките од членството во НАТО се покажаа како ефикасни во справувањето со коронавирусот. Го активиравме НАТО механизмот за цивилна заштита и се активираше системот за цивилна заштита на ЕУ. Првата помош на државата пристигна од ЕУ и НАТО и тоа покажува колку е важно тоа наше стратешко партнерство.
Ова го порача премиерот Оливер Спасовски во рамки на онлајн дискусијата „Глобални закани, ризици, предизвици, можности и членството во НАТО“, организирана по повод 4 Април – Денот на НАТО од Факултетот за безбедност – Скопје и Американскиот центар за образование.
Денот на НАТО, посочи Спасовски, го одбележуваме првпат како полноправна земја членка на Алијансата.
– За нас претставува посебна гордост зошто многу генерации пред нас беа посветени на реализацијата на овој наш стратешки национален интерес да бидеме земја членка на НАТО, а ние сме генерација што практично го живееме тој сон. Треба да бидеме горди што сме дел од семејството на најмоќниот безбедносен воен и политички сојуз, што претставува синоним и за највисоките демократски вредности, изјави Спасовски.
Членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, според Спасовски, е особено важно за нас како мала држава, бидејќи стекнуваме можност за влијание и еднакво право при носење на одлуки.
– Второ, исто така, многу значајно е за нашиот економски раст – што зависи многу од тоа колку државата може да обезбеди долгорочна мир и стабилност. Членството во НАТО тоа го обезбедува, изјави Спасовски.
Нагласи дека тоа е видливо и во изминатите три години додека интензивно се работело и било извесно дека овие интегративни процеси ќе бидат реалност.
– По создавањето услови за членство во НАТО и ЕУ се отвори перспектива и над 625 милиони евра имаме инвестиции во тој период во државата. Тоа покажува дека долгорочниот мир, стабилност и безбедноста се основи за економскиот развој, рече Спасовски.
Прашањата за територијален интегритет и целолвитоста на државата, нагласи Спасовски, се прашања што еднаш за секогаш се веќе затворени и давааат стабилност за граѓаните и државата да ја планираат иднината.
Апелираше до граѓаните и сите да ги почитуваат препораките од Владата, бидејќи сите заедно треба да се посветиме на справуавње со оваа состојба и сите заедно да ја добиеме оваа битка.
Нагласи дека се посветува големо внимание оваа хуманитарна катастрофа да не премине во безбедносен ризик.
– Пред нас се тешки денови, кои ќе бидат и уште потешки. Правиме се што можеме да ги спасиме здравјето и животот на граѓаните. Помагаме и во делот на економијата. Клучна улога во справуавње со оваа криза има здравствениот систем што заслужува целосно внимание и поддршка, бидејќи се наоѓа на првата линија и сакам да оддадам признание за сите нив, изјави Спасовски.
Системот, посочи Спасовски, покажа дека функционира нормално и во услови на ваква криза сите структури покажаа максимална посветеност и ангажираност.