Премиерот Оливер Спасовски смета дека здравствениот систем е подготвен да може да се справи со најавите за поголем број заболени од коронавирусот, но апелира дека за тоа му е потребна и поддршка од граѓаните кои треба да ги почитуваат сите препораки и рестриктивни мерки, а со тоа да спречат и помасовно ширење на вирусот. Тој не исклучува можност за воведување нови дополнителни рестриктивни мерки, ако за тоа добијат препораки од Комисијата за заразни болести.
– Ние сите ресурси ги насочивме кон здравствениот систем во овој период затоа што сметаме дека тој треба да остане стабилен во борбата против коронавирусот. Во овој период докажавме дека навистина функционира здравствениот систем. Се направија сите подготовки за да може да издржи тоа што се најавува и што ќе се случува, а се случува во сите земји. Како и ќе се движи кривата на инфектирање на луѓето ќе може да одговори здравствениот систем на државата. Но, колку повеќе луѓето се придржуваат кон правилата, се почитува социјалната дистанца и се намали движењето и секој од нас остане дома во наредниот период директно се помага и на здравствениот систем, рече Спасовски во разговор за Слободна.ТВ.
Тој додаде дека во целиот период на борба со коронавирусот здравствените работници се на прва борбена линија, дека даваат максимум со елан и енергија за да им се помогне на сите граѓани. – Очекувам сите заедно да ја добиеме таа битка, рече Спасовки.
Во однос на носењето на одлуките и рестриктивни мерки, тој потенцира дека Како Влада се раководат по предлозите на стручни луѓе од здравството, по тоа што го предлагаат епидемиолозите и што мислат дека треба да се направи и за здравствениот систем и за граѓаните.
– Очекувам денеска да разговараме во однос на доолнителни мерки кои би биле воспоставени како рестриктивни мерки, кои ќе помогнат во целата состојба и ако има препорака од комсијата тоа би го направиле можеби на денешна седница на Влада, рече премиерот Спасовски.
Тој истакна дека во моментот не сака да размислува за нападите од опозицијата, кои, како што рече, се фокусирани на освојување на политички поени. За нас, рече, во моментот приоритет е здравјето на граѓаните и фокусирани сме на тоа што треба да се напраи тоа да се заштити.