Чартер лет од Лондон за враќање на македонски државјани од Обединетото Кралство

Со авионски превоз Лондон-Скопје организиран од Владата, денеска попладне во земјaва треба да се врати нова група наши државјани кои се затекнати во Велика Британија.

Бројот на граѓаните кои се пријавиле на повикот на МНР да допатуваат со чартер летот ќе биде соопштен непосредно пред полетувањето. Тие при влез во авионот ќе треба да потпишат договор меѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на нашата земја да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.

Според податоците на Министерството за надворешни работи, досега во земјава се вратени вкупно 2.207 македонски државјани. Со досега реализираните чартер – летови од Ла Валета, Загреб, Љубљана, Виена, Базел, Минхен, како и по два лета од Берлин и од Келн/Бон во земјата се вратиле 1.445 наши државјани. Преку три хуманитарни конвои со автобуси и автомобили од Црна Гора, Турција и Словенија обезбедено е враќање на 150 наши државјани. Со посредство на Австрија и Португалија во земјава се вратени и 11 македонски државјани од Перу.

МНР во соработка со странски претставништва кај нас, репатрираше и над 600 странски државјани меѓу кои и на Австрија, Австралија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора и Косово.

Инаку, според МВР, во 25 објекти определени за државен карантин сместени се вкупно 2099 лица. Досега успешно е завршен државниот карантин за 160 македонски граѓани, кои поминале 14 дена во строги безбедносно-здравствени услови во хотелот „Ибис“ во Скопје (Тафталиџе) и во депандансот во Демир Капија. Кај ниту еден од нив нема симптоми на вирусот КОВИД-19, а ќе поминат уште 14 дена во домашна изолација, согласно здравствените препораки на епидемиолозите, соопшти викендов владината прес-служба.