Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, денеска, на негова иницијатива ќе престојува во работна посета на Република С. Македонија, за време на која предвидени се средби со шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и со други високи претставници на земјава.
Како што соопшти МНР, соработката во справувањето со глобалната пандемија COVID-19 ќе биде во фокусот на разговорите, а во тој контекст заедно со унгарската делегација ќе пристигне и конкретна помош за С. Македонија, за полесно надминување на овие предизвици.
-Воедно, за време на средбата ќе се разменат и информации за натамошните чекори во европската агенда на земјата по добивањето на позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на пристапни преговори со С. Македонија. Ќе бидат разгледани и билатералните односи, можностите за нивно понатамошно унапредување, како и продлабочување на соработката и солидарноста помеѓу двете земји, но и во рамките на Европската Унија, наведуваат од МНР.
По средбата, министрите Димитров и Сијарто ќе одржат прес-конференција која ќе може да се проследи во живо на лајвстрим во ХД резолуција со превод на македонски јазик од изјавата на унгарскиот министер. Новинари и камери, како што се посочува, не се предвидени во Министерството, а прашањата треба да ги испратат до МНР најдоцна 15 минути пред почетокот на закажаната прес-конференција.