Бројот на заболени од коронавирусот расте, можно ново зајакување на мерките за превенција од негово ширење

Бројот на заболени од коронавирус во државава изнесува 555, но, се очекува во следните недели да продолжи да се зголемува. Најмногу заболени има во Скопје – 235, Куманово – 114, Дебар – 49. Досега 18 лица починаа од компликации од коронавирусот, а 23 се излекувани.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека денеска ќе имаат дополнителна дискусија во рамки на Комисијата за заразни болести и можно е до Владата да предложат и зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот.

– Се наоѓаме во критичниот момент со очекуван раст на бројот на заболени од Ковид-19. Очигледно е дека влеговме во втората фаза на пандемијата со коронавирусот. Бројот на заболени во деновите пред нас дополнително ќе расте. Се уште остануваат прогнозите пикот на болеста да биде на крајот на месецов и очекуваме 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања, истакна Филипче и апелираше граѓаните максимално да ги почитуваат мерките, физичките контакти да ги сведат на минимум и да се штитат од секоја ризична комуникација или движење.

Еден од главните проблеми, според него, е што има асимптоматски носители на вирусот, а ширењето на овој начин од овие носители може да се спречи само со седење дома, односно со изолација.

Од 555-те заболени од коронавирусот, 52 (9,5 проценти) се здравствени работници. Филипче им порача на здравствените работници максимално да ги почитуваат протоколите кои ги има од самиот почеток на пандемијата, да се штитат во и надвор од работните места, затоа што нивната улога, нивното здравје е од примарно значење во овој момент во државата.

– Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размени, така ќе останат здрави тие што се здрави, ќе се бориме против вирусот и ќе ги излечиме сите кои се заболени. Сите јавни здравствени установи во земјава имаат доволно заштитна опрема, имаме сосема солидни резерви, кои во текот на неделава ќе ги дополниме, а имаме доволно заштитна опрема, потенцира Филипче.

На Инфективната клиника во овој момент се хоспитализирани 74 пациенти, 15 се со тешка манифестација на болеста, а другите се со средно тешка состојба и се во добра општа кондиција. Примено е и двегодишно дете, кое е во стабилна здравствена состојба.

Во функција е ставена и ГОБ „8 Септември“, која досега беше наменета за пациенти кои беа суспектни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како хирушка интервенција, или во ангиографска или ендоскопска сала, тоа сега се уште останува така, рече Филипче и појасни дека доколку треба ќе се користат и креветите на располагање под контрола на интернистите и инфектолозите за хоспитален третман, доколку е потребна помош на персоналот на Клиниката за инфективни болести, каде се на располагање 110 кревети, дополнителни 130 во мобилната болница, а во ГОБ „8 Септември“ вкупно 400 кревети.

Како нов регионален центар за справување со пандемијата е посочена и болницата во Битола каде има 35 кревети на располагање кои можат да се зголемат до 100, а како што посочи Филипче, во преговори се и со лабораторијата на МАНУ за дијагностицирање на заболени од Ковид-19 и за користење на нивната апаратура.

Следејќи ги светските искуства во лекувањето на заболените од коронавирус, на дел од хоспитализираните на Клиниката за инфективни болести неодамна почна да им се дава новата терапија, која е комбинацијата, што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин. Терапијата ја примаат пациенти кои немаат ниту мали кардиолошки отстапувања при извршен преглед поради можни одредени контраиндикации од неа. На некои од пациентите им се дава антиретровирусна терапија.

Во меѓувреме, во некои земји почна да се применува третманот со крвна плазма од веќе излекувани пациенти со Ковид-19, што се покажал како успешен. Како што информираше министерот Филипче, од Институтот за трансфузиологија потврдиле дека може да се подготви системот за да се оддели крвната плазма од излекуваните 20 пациенти и да им се даде на заразените со коронавирус.

-Станува збор за неколку публикувани случаи дека антителата може да помогнат да се излекуваат заразените пациенти. И тоа со плазма од ковалесценти кои може да ја дадат плазмата. И ние започнавме припреми на Институтот за трансфузиологија. Веќе се изготвува протоколот по кој што би требало да се земе плазмата кај овие пациенти кои што се излекувани во соодветна фаза, во соодветен период, рече Филипче.

Тој протокол, како што најави министерот, ќе биде подготвен денеска и ќе се дискутира на стручниот колегиум во Институтот, потоа во рамките на експертската група во Комисијата за заразни болести и согласно резултатите кои се публикувани, ќе се даде на наши пациенти.

Тоа што им преостанува на граѓаните е и натаму да ги почитуваат мерките и препораките за заштита, според кои, треба да останат дома, да не се групираат, да излегуваат само ако имаат некоја итност, да го ограничат движењето, да не контактираат многу со луѓето, да не се задржуваат во маркетите, да држат дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително да одржуваат лична хигиена, често да ги мијат рацете 20-30 секунди, да користат средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња, при кашлање или кивање да го покријат носот и устата со марамче за еднократна употреба и потоа веднаш да го фрлат на безбедно место, а доколку немаат марамче, да ги покријат носот и устата со рака свиткана во лактот.

Граѓаните, пак, кои имаат симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, кој преку епидемиолошка анкета ќе утврди дали треба да се тестираат. Доколку треба, преку системот „МојТермин“ тие ќе им закажат точно време и место за тестирање.