Писонеро :ЕК ја подготвува преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија

Европската Комисија веќе работи на подготовката на рамката за преговорите со Северна Македонија и Албанија, откако лидерите на ЕУ дадоа зелено светло минатиот месец, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Информацијата ја потврди портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, за МИА.

-Комисија сега ги подготвува предлозите за преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, кои ќе ги одразуваат принципите врз кои се темелат преговорите. Комисијата планира да ги презентира заедно со извештаите за проширувањето, изјави за МИА Писонеро.

Поради кризата со коронавирусот неизвесно е сѐ уште кога точно ќе бидат објавени овие извештаите, иако се очекува тоа да биде во текот на оваа пролет.

Датумот на првата Меѓувладина конференција, со која се означува отворањето на првото поглавје на преговорите, треба да го договорат земјите членки на ЕУ откако ќе ја усвојат преговарачката рамка.

Ставот на Европската Комисија е дека тоа треба да се случи „најбрзо што е можно откако ќе се усвојат преговарачките рамки“, вели Писонеро за МИА.

-Процесот на проширување е цврст и заснован на заслуги. Комисија очекува реформите во двете земји да продолжат, вели портпаролката за проширување во ЕК.