Две велешанки шивачки во хумана волонтерска акција за изработка на повеќенаменски заштитни маски за здравствените работници

Велешанката Ружица Николова, која е шивачка, дојде на идеја волонтерски да им направи заштитни маски на здравствените работници од ЈЗУ Општа болница од Велес, затоа што тие се први на удар од опасниот вирус Ковид-19, лекарите, медицинските сестри и болничарите и останатиот персонал и администрацијата.

Нејзината хумана идеја ја прифати и одлучи да ја координира Убавка Јаневска од Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“, а им се приклучи и уште една професионална шивачка Славица Костова. Инаку, првично на обична машина „оверлак“, која не е индустриска, им помага и пензионираната шивачка Стефанка Нешова, а потоа и уште неколку жени волонтерки за финализирање на веќе сошиените готови заштитни повеќенаменски маски: за нивно чистење, пеглање и пакување – Буба Мишкова, Василка Најдовска и Јадранка Стефкова.

Акцијата е со лого на Фондација „Фокус“ – „Велешанки за јавно здравје“, кое со зелени букви е отпечатено на секоја заштитна маска, а кое волонтерски со печат го изработи Мики Мурџев во својата печатница „Графика М“.

Но затоа прво поискусната шивачка Славица Костова требаше да ги скрои маските, па ја научи и помладата и помалку искусна колешка Ружица и напорната работа започна. Но хуманата цел беше посилна од сите напори и тешкотии, а и првите резултати се веќе видливи.

Така во изминатава недела вработените во ЈЗУ Општа болница од вредните хуманитарки ја примија првата, а изминатиот викенд и втората пратка од повеќенаменски заштитни маски. Со тоа сите 382 вработени добија по две заштитни маски од хуманите шивачки.

Двете вредни шивачки Ружица и Славица, секоја посебно дома, како и досега, и неделава шијат и по две маски за вработените во ЈЗУ Здравствен дом, во чии рамки е и Службата за брза помош, а ќе шијат и за 87 вработени во ЈЗУ Центар за јавно здравје и за 47 вработени во Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“.

Хуманост за хуманите

Ружица ни појасни дека идејата за хуманост одамна тлеела во неа, но откако се случи состојбата со Ковид-19 во светот, која, за жал, се прошири и во нашата земја, таа, мајка на три деца, знаејќи ја пожртвуваноста на лекарите, кои во многу пригоди им помогнале на нејзините деца кога биле болни, си рекла дека сега е моментот на хуманоста таа да им возврати со хуманост.

– Си помислив дека со тоа што го знам и умеам како шивачка и јас можам да им се оддолжам, бидејќи останав и дома да се грижам за мојата најмала од трите, десетгодишна ќерка, а што беше во согласност со одлуката на Владата. Така сега имав време да бидам и со детето дома, а и нешто да сработам, па дојдов на идеја да изработувам заштитни маски за лекарите. Со тоа ќе им помогнам како што тие многупати го заштитиле здравјето на моите деца и на сите пациенти, а сега во тешката битка со оваа подмолна болест јас нив да ги заштитам. Инаку, времето поминато во изминатите десетина дена покрај машината за шиење, знаејќи дека правам добро дело и некому помагам, а како што и тие на многумина им помагаат, ме мотивира да работам неуморно и до доцна во ноќта, ни појаснува Ружица.

Убавка Јаневска од Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ вели дека кога ѝ се јавила Ружица и ѝ побарала поддршка за нејзината иницијатива за изработка на заштитни маски за здравствените работници, таа веднаш ја прифатила и решила да ја координира акцијата, која заедно ја насловиле „Велешанки за јавно здравје“.

– Во разговор со директорот на ЈЗУ Општа болница, д-р Божидар Бојаџиев, тој нè информира дека поради зголемените потреби не им стигнуваат заштитни маски за еднократна употреба, а кои редовно ги добиваат. Тој беше воодушевен од идејата и така сите заедно решивме да изработиме повеќенаменски заштитни маски, кои професионално и прецизно ќе бидат изработени од памучен материјал – подебела богасија и кои можат да се вријат и перат на 90 степени и можат да се сушат, а со тоа што за секој здравствен работник ќе изработиме по две маски, ни појасни Јаневска.

Таа информира дека нејзината задача била да наоѓа донатори, а прва што донирала била велешанката Билјана Ѓурова, која донирала еден топ со 30 метри богасија. По неа уште една велешанка Трајанка Чалија, која исто така донирала еден топ со 30 метри дебела памучна богасија, од која се шијат повеќенаменските заштитни маски. Потоа добиле донација и од фирмата „Орбис“ од Велес.

Славица рече дека слушајќи го повикот дека им требаат шивачки, а кој бил упатен преку велешкото Радио Голди, веднаш се пријавила во хуманата акција.

Таа вели дека поради настанатата состојба и тие ја немаат вообичаената работа и нарачки и ним им треба егзистенција, но иако може да изработува заштитни маски за пари преку своето модно студио Цаца-С, сепак се одлучила да биде хумана и волонтерски да се вклучи во акцијата.

– Во овие тешки денови за сите нас, а кога се бориме со опасниот коронавирус, треба сите да бидеме сплотени и секој колку што може да им помага на оние на кои помошта им е најнеопходна. На сите што со продажба на заштитни маски и други заштитни средства по многу повисоки цени од редовните сакаат многу да заработат, им порачувам дека сега не е време за печалење и профитерство. Крајно време е да ја пробудат својата заспана совест и да се вклучат како волонтери и да им помагаат на сите. Ги потсетувам дека освен овој, има и други начини да се вклучат и во разни други волонтерски акции, за тие на кои помошта им е најнеопходна, ги потсетува Славица.

Хуманите шивачки Славица и Ружица велат дека сами двете не можат да сошијат толку заштитни маски колку што е потребно и затоа апелираат и ги повикуваат и другите свои колешки шивачки од градот, но и газдите на бројните конфекции и шивачки работилници, а кои изработуваат заштитни маски, да се приклучат во нивната хумана волонтерска мисија.

Им порачуваат да ја пробудат својата совест и во овие тешки времиња да се откажат од профитот и профитерството и барем по час-два дневно, а по работа, во слободното време да им се приклучат во хуманата мисија, акција за изработка на заштитни повеќенаменски маски за своите сограѓани, за оние што се на првата линија во битката на Ковид-19 или за оние социјално ранливите, кои немаат пари да си купат.

Двете шивачки откако првите денови од акцијата многу се измачиле со изработката на првите количества повеќенаменски заштитни маски, деновиве со поддршка од Убавка успеаја да набават две апаратчиња за вградување на нивните професионални индустриски машини, а кои се за побрзо опшивање на маските и пуштање на врзалките. Па така, велат, сега работата многу полесно им оди.

Од одѕивот на останатите шивачки и хумани граѓани и фирми ќе зависи продолжувањето на нивната хумана волонтерска мисија за изработка на заштитни повеќенаменски маски за пожарникарите, полицајците, социјално ранливите лица…

Освен веќе изработени повеќенаменски заштитни маски за здравствените работници и друг персонал од ЈЗУ Општа болница, тие неделава забрзано веќе изработуваат и по две заштитни маски и за медицинските тимови и друг персонал на ЈЗУ Здравствен дом, а потоа и за вработените во Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“ и за вработените од ЈЗУ Центар за јавно здравје.

Иако прават натчовечки напори што побргу да ги изработат и останатите заштитни маски, толкави им се физичките можности, но ако им се приклучат и други шивачки со професионални машини, велат, работата ќе им оди уште побргу.

Во соработка со Убавка Јаневска од Фондација „Фокус“, која се надева дека ќе најде и нови спонзори за донирање материјал богасија на метража, а од која еден топ од 30 метри чини 7.500 денари.

Ако успеат тоа да го обезбедат, според нивните планови, ќе може да изработат заштитни повеќенаменски маски и за останатите граѓани, а кои се први на ударот од опасниот вирус, како што се полицајците, пожарникарите, вработените во ЈКП „Дервен“, па и за и социјално загрозените и други ранливи категории граѓани и семејства.

Заштитните маски на Ружица и Славица не се еднократни, туку повеќенаменски, бидејќи се изработени од памучен материјал богасија и може да се перат во машина за перење алишта на 90 степени. Тие велат дека ако имаат можности, освен повеќенаменски заштитни маски за лице, можат да скројат и да сошијат и повеќенаменска заштитна облека за здравствените работници и сè друго од заштитна облека и за останатите екипи од мобилните тимови на Општинскиот кризен штаб.

Кон нивниот апел се приклучува и Убавка Јаневска од „Фокус“, која ја координира хуманата акција и која им порачува на бројните бизнисмени во градот и наши иселеници во странство да ја покажат својата хуманост на дело и да донираат материјал, како и да им помогнат на шивачките донекаде да ги намират најосновните парични трошоци за потрошена скапа индустриска струја.

Таа ги повикува сите заинтересирани шивачки да се пријават на веб-страницата на Фондација „Фокус“.

Посебната жиро-сметка наменета за донација на Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес е 300270000081648.

Можат да се јават сите заинтересирани донатори од земјава или нашите во странство што сакаат да им помогнат на своите сограѓани.

Во бројните документи и страници од историјата на градот пишува дека велешани низ вековите при вакви и слични епидемии, војни, природни несреќи и катастрофи отсекогаш се сплотувале и ја искажувале својата хуманост на дело и таквите добротвори биле запаметени од нивните сограѓани.

Затоа и сега во овие тешки денови се надевам дека многумина ќе се приклучат во оваа или некоја друга хуманитарна акција.

Каде и да сè, сите што знам дека со мислите се со својот роден Велес и го носат во срцето, сега е вистинско време во ова зловреме, да ја подадат својата рака. Не само на социјалните мрежи со зборови да нè тапкаат по рамо да издржиме, туку и на дело – вистински, а знам дека многумина од нив тоа го можат и финансиски, па сега е вистинското време за секаков вид хуманитарна помош.

Ќе ги потсетам дека големината на човекот не е во натрупаното богатство, туку во човечноста што ќе ја дадат и ќе ја остават зад себе, по која ќе бидат запаметени од идните генерации.