Сенатот на Шпанија денеска на пленарна седница го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Гласањето беше без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот во земјата.
-Со нула гласови „против“ шпанскиот Сенат го ратификува Протоколот. Во име на Владата и сите македонски граѓани изразувам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, до министерката за надворешни работи што ова прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката-прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.
Димитров потсети дека Шпанија е 29-та и последна земја-членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот.
-Таа сега ќе го депонира инструментот на ратификација во Стејт департментот, Вашингтон ќе ја испрати информација до НАТО во Брисел и ние и официјално ќе бидеме поканети да го депонираме нашиот инструмент, односно законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој беше усвоен во Собранието, рече Димитров.
Нагласи дека завршуваме тридеценискиот процес за влез во северноатлантското семејство.
Амбасадорот Лоренцо Сера подвлече дека Шпанија минува низ многу тешки времиња, Сенатот направи нешто што е целосно ново во Шпанија – гласање од далечина, а вели беше многу важно да го донесеме овој закон за ратификација на Протоколот. Појасни дека одложувањето во Шпанија се должи на непожелни околности, односно на тоа што априлските избори мораа да ги повторат во ноемри, лани.
-Ние сме горди што Шпанија како земја која е извор на меѓународното право, која е земја на правници и многу пати разговараме за законите во најразлични околности, а во случај кога нема формално воспоставена влада и кога Парламнентот е закочен, а Шпанија има многу ригиден систем можам едноставно да ви кажам извинете, рече Лоренцо Сера.
Тој даде и куса изјава на македонски јазик како свој придонес кон значењето на денешниот настан.
-Шпанија во Скопје. Ми преставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на Законот за ратификација на Протоколот за прием на РС Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и РС Македонија ќе станат и формално сојузници што веќе де факто и се, продлабочувајќи ги на тој начин пријателските билатерални односи штом неговото височество кралот на Шпанија ќе го потпише законот и инструментот за ратификација биде депониран во Вашингтон, што секако ќе се случи многу набргу, рече шпанскиот амбасадор.
На новинарско прашање појаснувајќи ја понатамошната процедура околу Протколот, Димитров рече дека од денес па натаму се работи за форма и церемонија, и оти ќе треба да се земат предвид и вонредните околности со пандемијата со корнавирусот. За ова прашање, тој веќе разговарал со претставници во САД.
-Денес е историски ден, од 1993 се обидуваме да одиме по патот кон членство во НАТО. Денеска со оваа 29-та ратификација тој пат се затвора. Политичкиот дел е завршен, од денес па натаму се работи за форма и церемонија. Законот ќе биде промовиран од шпанскиот крал и ќе се депонира, рече Димитров.
Седницата на Сенатот се одржа со видеолинк, а сенаторите гласаа без физички да бидат присутни во Сенатот, поради состојбата со коронавирусот, со оглед на тоа што Шпанија е во категоријата на високоризични држави. На седницата физички присуствуваше претседателот на Сенатот Пилар Лоп и уште неколкумина.
По ратификацијата во Парламентот во Мадрид се очекува само уште потпис од шпанскиот крал. Протоколот, на 27 февруари доби зелено светло од Долниот дом на шпанскиот Парламент.