Градоначалникот на Битола Наташа Петровска на прес-конференција ги презентира заклучоците на општинската работна група поврзани со заштитата од коронавирус во овој град.
Работната група во која членуваат директорката на Клиничка болница-Битола Билјана Гагачова, директорката на Центар за јавно здравје-Битола, Елизабета Крстева, директорката на Дом за народно здравје, Весна Спирковска и претседателката на ОО на Црвениот крст, Лилјана Ристевска, за јавноста презентираа заклучоци и препораки со кои посочува на сечија професионалност и одговорност и јавно ги осудија шпекулациите и лажните вести од поединци објавени преку социјалните мрежи.
-Сите правни или физички лица, кои сакаат да помогнат тоа да не го прават самостојно, туку да се пријават во ОО на Црвениот крст. Доколку има потреба, од лицата во Црвениот крст ќе им бидат дадени соодветни насоки за натамошно делување. Ангажираните лица ќе бидат евиндентирани и со себе ќе носат легитимации издадени од Црвениот крст. Секој работен ден од 8-16 часот ќе има отворена телефонска линија на бројот 070 791 770 која ќе служи за давање помош на лица во храна и лекови на стари и изнемоштени лица, лица со пречки во развојот и неподвижни лица, истакна градоначалничката Петровска.
Од Општина Битола информираа дека подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување располага со тимови што имаат комплетна заштитна опрема. Општината, преку јавните претпријатија, ги спроведува владините препораки, а ЈП Комуналец е подготвено за дезинфекција, мерка која исто така е координирана со институциите од Централниот кризен штаб.
Како што е познато, минатата седмица општината презеде низа мерки со кои превентивно делуваше со скратување на јавниот градски сообраќај, заштита при користење на такси-превоз, дезинфекција на јавни објекти и институции.
-Известени се сите директори на основните и средните училишта преку класните раководители да извршат едукативен и превентивен допис во нивните групи до сите ученици и да избегнуваат групни собирања, а во соработка со наставниците, започна со задавање на интернет содржини за учениците. Побарав оваа интернет платформа, постојано да се надополнува со нови наставни содржини, со цел учениците да можат дома да работат на совладување на наставниот материјал. Содржините се поставени на нашата веб страница, посочи Петровска.
На граѓаните им препорачувам да ги применуваат мерките за седење дома и самоизолација, посебно на младите. Простор за паника во моментов нема, беше нагласено на прес конференцијата во Општина Битола.