Волонтери во Прилеп ќе набавуваат и ќе доставуваат храна и лекови за стари, болни и изнемоштени граѓани

Од денеска групи волонтери ќе набавуваат и ќе доставуваат прехранбени артикли и лекови за старите, за болните, изнемоштените и хендикепираните лица во Прилеп за кои е потребно да седат дома и да не се изложувата на здравствени ризици. Ова е најновата превентивна мерка на прилепската локална самоуправа за заштита на здравјето на граѓаните и евентуална зараза со корона вирус.

Како што соопшти прилепскиот градоначалник Илија Јованоски општината продолжува со дополнителни локални мерки за заштита на здравјето.

-Практично веднаш воведуваме телефонска линија со број 048/401-700, на која стари, болни, изнемоштени и возрасни лица со хронични заболувања, како и лица со посебни потребни, секој ден од 8 до 18 часот, ќе може да побараат помош за набавка и за доставување на прехранбени намирници, лекови и други средства за лична хигиена и за дезифенција, изјави Јованоски.

Акредитирани волонтери од општината, опремени со заштитни средства, после телефонскиот повик, ќе ги посетат граѓаните во нивните домови и со средства од граѓаните, ќе ги набават потребните артикли од маркети и аптеки по избор на самите граѓани и ќе ги достават во нивните домови, објасни Јованоски.

Бесплатната телефонска линија ќе биде обезбедена во текот на утрешниот ден од практични причини, зашто операторите денеска не работат.

Целта е да се заштитат најраливите категори граѓани од коронавирусот и да се намали можноста да бидат изложени на ризик од заразување и што помалку да излегуваат од нивните домови. Со оваа мерка се намалува движењето на старите, болни, изнемоштени и хронично болните лица во градот, во маркетите и во аптеките.

Волонтерите се во три групи од по двајца млади, здрави се и во последните 14 дена не биле изложени на никакви влијанија.

Јованоски со апел граѓаните на кои не им е најнеопходно, да не ја злоупотребуваат телефонската линијата, а апел испрати и до стопанствениците да им излезат во пресрет на социјално ранливите категории граѓани.

– Јавно ги повикувам стопанствениците и бизнисмените од градот да им излезат во пресрет на социјално-ранливите категории на граѓани, преку донирање на прехрабени артикли и средства за хигиена и за дезинфекција, рече Јованоски.

Јованоски нагласи дека во Прилеп досега нема заразени од корона вирус и апелираше до граѓаните совесно да се однесуваат и да ги почитуваат препораките и мерките на Министерството за здравство. Инспекциите констатирале дека во градот се придржуваат на мерките и работат само маркетите, аптеките. Мерката со контрола на влезовите во градот е успешна и нема проблеми.