Почитувајќи ги препораките на надлежните, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, во Бигорската обител одложени литургиите ќе се одржуваат без вообичаеното присуствуво на стотици верници.
– Во двата наши манастира, Бигорскиот и „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица службите и литургиите се одржуваат само со присуство на членовите на бигорското братство и раичкото сестринство. Литургиите за верници, на кои претходно присуствуваа верници од сите делови на земјата, се одложени. Сепак, секој верник кој ќе дојде е добредојден, вели отец Доситеј од Бигорскиот манастир.
Додава дека сите членови на обителта се добри, дека нема паника и оти со верба во Бога се молат за болните побрзо да закрепнат и да нема други заразени.
– Се молиме за сите, за спасение. Нема потреба од никаков страв, едноставно да останеме смирени и да ја држиме надежта и да ги охрабриме сите заедно да се молиме за сите. Молитвите и литургиите се одвиваат, а монасите и монахињите ги посветуваат на што поскоро решавање на целата ситуација со коронавирусот, вели отец Доситеј.
Од Бигорската обител, предводена од архимандрит Партениј, молејќи се за здравјето на сите бараат од граѓаните во целата држава да бидат смирени, строго да ги почитуваат препораките на надлежните и како што посочуваат „заедно сите со молитва да помогнат во надминување на актуелната сосотојба со појавата на коронаврусот“.