Совети за новинари кои известуваат за коронавирусот (Covid-19)

Новиот корона вирус веќе стана најголемата приказна во светот – опфаќајки повеќе од 100 земји, 4.262 смртни случаи и повеќе од 118.101 заразени луѓе [Белешка на уредникот: текстот е објавен на 10 март 2020], според најновите податоци од мапата за Covid-19 на медицинскиот факултет на Американскиот Универзитет “Џонс Хопкинс”.

Оваа глобална вонредна здравствена состојба, која е една од шесте прогласени во последните години од Светската здравствена организација (СЗО), почнувајќи од свинскиот грип во 2009 година, веќе избриша милијарда долари од светската економија, а според Блумберг на крајот коронавирусот би можел да ја чини економијата вкупно 2,7 трилиони американски долари.

И покрај сите бројки и проценки, тешко е да се знае колку би можел да се шири коронавирусот и какви би биле крајните последици. Со сите неизвесности, новинарите ширум светот се соочуваат со многу предизвици во врска со известувањето за епидемијата, вклучувајќи ја борбата против дезинформации и здравствени ризици за новинарите на терен, а притоа не поттикнувајќи паника.

Со цел да ги поддржи новинарите во нивното медиумско покривање, уредникот на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство Мирај Чоудри изготви совети од разни новинарски организации, искусни новинари и експерти.

Планираме да продолжиме да ги претставуваме изворите за известување, вклучително и упатства на регионалните јазици на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство и на нашите канали на социјалните медиуми.

Одговорно известување

Во своето последно истражување, Карин Вал-Јоргенсен – професорка по новинарство на Универзитетот Кардиф, ја анализираше улогата на стравот во известувањето за КОВИД-19 во 100 високо тиражни весници од целиот свет. Таа откри дека еден на секои девет написи за епидемијата го споменува зборот „страв“ или поврзани зборови, вклучувајќи го и „се плаши.“

„Во овие написи честопати се сретнува употреба на застрашувачки јазик, на пример, во 50 написи е употребена фразата „вирус-убиец“, напиша таа во „Ниман лаб артикл“.

Па, како да избегнеме ширење на паника додека обезбедуваме сеопфатно и урамнотежено известување? Според Ал Томпкинс од Институтот Појнтер (кој планира да објавува дневен билтен за КОВИД-19), решението е во одговорното известување. Еве краток преглед на неговите предлози:

1. Намалете ја употребата на субјективни придавки при известувањето; на пример: „смртоносна“ болест.

2. Бидете внимателни со употребата на фотографии за да избегнете ширење на погрешна порака.

3. Објаснете ги превентивните мерки; така, вашиот напис може да биде помалку застрашувачки.

4. Запомнете дека статистичките написи се помалку застрашувачки од анегдотичните написи.

5. Избегнувајте ‘кликбејт’ наслови и бидете креативни во презентацијата.

Во еден друг текст од Институтот Појнтер, Том Џонс потенцира дека е важно да се пронајдат фактите, но не и политичките говори. „Тоа е научен напис, а не политички,“ вели тој. Се разбира, политиката е важна, но бидете претпазливи за ‘спинувања’ во врска со КОВИД-19 од партиско политички извори и водете се од медицинските експерти.

Како да го именуваме вирусот

Од почетокот на епидемијата, новинарите користат различни имиња за вирусот. На пример, „коронавирусот“, „корона-вирус“, „новиот коронавирус“, или „непознатиот коронавирус.“ „Тоа е затоа што овој коронавирус се разликува од другите коронавируси кои предизвикаа свои епидемии или пандемии. Секој од нив добива свое име, а и секој од нив бил нов (или непознат) во одреден момент,“ вели Мерил Перлман во еден напис за „Колумбија џурнализм ривју“ (CJR).

Како да ја именувате епидемијата? Си-Ен-Ен го користи терминот ‘пандемија’ за да ја опише сегашната епидемија на коронавирус. Од таму, објаснија зошто. Но, СЗО сè уште не го употребува терминот ‘пандемија’, а исто така си има свои објаснувања за тоа. [Белешка на уредникот: СЗО донесе нови заклучоци, прогласувајќи го КОВИД-19 за пандемија од 11 март.]

Зборовите се важни. Според „Асошиејтид прес“ (AP), „епидемија е брзото ширење на болест кај одредена популација или регион; пандемија е епидемија што се раширила низ целиот свет.“ Тие предлагаат „умереност со зборовите; следете ги изјавите на претставниците од јавното здравство.“

Како да се заштитиме

При глобална епидемија од некоја болест, новинарите не можат да известуваат ако се во самоизолација. Треба да сме на терен, а таму постои ризик да се заразиме.

Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) објави детални препораки за новинари кои известуваат за КОВИД-19, вклучувајќи подготовки за на терен, совети за избегнување на инфекција во ризични области, планирање на патувања и мерки по извршувањето на задачата. Еве краток преглед на клучните препораки за известување од терен:

· Користете заштитни ракавици ако работите во или посетувате место на зараза, како на пример здравствена установа за лекување. Може да е неопходна и друга медицинска лична заштитна опрема (ЛЗО), како наметка и целосна маска.

· Не посетувајте маркети каде што се продава свежо месо или свежа риба, или пак фарми во ризични подрачја. Избегнувајте директен контакт со животни (живи или мртви) и нивната околина. Не допирајте површини кои можеби се контаминирани со животински измет.

· Ако работите во здравствена установа, маркет, или на фарма, никогаш не ја оставајте вашата опрема на подот. Секогаш вршете деконтаминација на опремата со антимикробни марамчиња со брзо дејство, како на пример „Мелисептол“, проследено со темелна дезинфекција.

· Никогаш немојте да јадете или пиете додека допирате животни, или сте во близина на некој пазар или фарма.

· Секогаш осигурајте се дека темелно ги миете вашите раце со топла вода и сапун пред да посетите некое ризично подрачје, додека сте таму и откако ќе заминете од таму.

Експерти

За да бидете во тек, следете ги информациите што се објавуваат на веб-страниците на СЗО, Центрите за контрола на болести и превенција во САД (CDC) и Јавно здравје Англија (PHE). Исто така, се препорачува да се следат информациите што ги објавува Универзитетот Џон Хопкинс и неговата интерактивна мапа која ги следи податоците за КОВИД-19. Бидете во тек со информациите што ги објавуваат владините агенции во вашата земја кои имаат одговорност да обезбедуваат информации за епидемијата.

Друштвото на професионални новинари објави пакет-алатки за новинари, во кој се наведени клучни извори. Еве некои од нив:

· Глобален индекс за здравствена безбедност (Global Health Security Index), проценка на здравствените безбедносни капацитети во 195 земји

· Министерство за здравство и човечки услуги на САД: Корона вирус (US Department of Health and Human Services: Coronavirus)

· US Travel.State.Gov за ризици при патувања во одделни земји

· MPassport.com, база на податоци за доктори кои зборуваат англиски јазик во 180 земји

Не е лесно да се најдат експерти за болеста. Вирусот е непознат и непредвидлив, и нема доволно истражувачи или доктори специјализирани за КОВИД-19. При изборот на експерти, земете ги предвид петте предлози на Вилијам Ханиџ, вонреден професор по епидемиологија на Школата за јавно здравје при Харвард:

· Бидете внимателни при изборот на експерти. Ако некој добил Нобелова награда за одредена научна област, не значи дека е експерт за сите научни области. Ниту пак е гаранција ако некој има докторат или предава на престижно медицинско училиште.

· Правете разлика помеѓу она за кое што се знае дека е вистина и она кое ште се смета за вистина – и што е шпекулација или мислење.

· Бидете внимателни кога наведувате информации од „предпубликации,“ или необјавени академски трудови.

· Побарајте помош од научниците за проверка на веродостојноста на нови теории и тврдења. За да се спречи ширењето на дезинформации, медиумите треба исто така да ги проверуваат фактите од колумните.

· Читајте текстови на новинари кои добро ги покриваат темите од науката.

Совети од други новинари

Меѓународната мрежа на новинари (IJNet) состави листа на препораки за известување за КОВИД-19 со совети од новинари кои известувале за болеста. Ова се клучните точки:

· Разберете ја ситуацијата на терен – потоа, пренесете ја во вашата работа.

· Фокусирајте се на известување, а не на анализирање.

· Запомнете: Не сите бројки се точни.

· Разговарајте со што е можно повеќе луѓе.

· Избегнувајте расистички тропи.

· Размислете за начинот на кој интервјуирате експерти.

· Не ги занемарувајте сториите кои не се возбудливи.

· Поставете граници. Понекогаш е подобро да му кажете „не“ на уредникот.

· Кога работите стивнуваат, држете се до приказната.

Проверка на факти КОВИД-19

-Ние не се бориме само против епидемија; ние се бориме и против инфодемија, изјави директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус во своето обраќање на годинешната Минхенска конференција за безбедност на 15 февруари. Во ова време на дезинформации, онлајн митови и теории на заговор, новинарите можат исто така и да откриваат погрешни информации, како на пример тоа дека болеста се пренесува преку стока произведена во Кина, дека научници го создале КОВИД-19, или дека потекнува од лаборатории за истражување.

Во една неодамна објавена статија, Институтот Појнтер наведува дека луѓето во најмалку пет земји – вклучувајќи ги и САД, Индија, Индонезија, Гана и Кенија – виделе или прочитале лажна информација дека „кинеската влада се обратила до врховниот суд со барање да се овласти убиство на 20,000 луѓе заразени со коронавирус 2019.“

За откривање и проверка на факти, проверете ја иницијативата на Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network), која вклучува 90 проверувачи на факти од 39 земји кои соработуваат во борбата против ова цунами од невистини. До крајот на февруари, сојузот #CoronaVirusFacts / #DatosCoronaVirus има објавено 558 проверени факти за болеста. СЗО има страница насловена „Разоткривачи на митови“ (“Myth Busters”) која открива гласини за коронавирусот и содржи слики што може да ги споделуваат сите, вклучувајќи ги и новинарите и медиумските организации. И француската новинска агенција „Франс прес“ (AFP) покрена слична иницијатива наречена „Разоткривање на митови за коронавирусот“ (“Busting Coronavirus Myths”). Секогаш е корисно да се погледнат советите на „First Draft News“, вклучувајќи го и нивниот последен напис за забавување на ширењето на дезинформации, како и оној за брза проверка на веродостојноста на онлајн содржините.

Во светот има многу медиумски куќи кои немаат тимови за проверка на факти, па дури ни лице со вештини за откривање на лажни информации. Ако наидете на лажни или сомнителни информации, обратете се за помош кај познати и веродостојни локални и регионални групи за проверка на факти. Најчесто, тие се активни на социјалните медиуми и секогаш се во потрага за работа.

Справување со траума и жртви

Секогаш треба да најдеме некого, да посетиме нечиј дом или работно место и на луѓето да им поставуваме непријатни прашања за нашите стории. Но, за време на глобална епидемија како оваа, жртвите се трауматизирани. Можеби нема да сакаат да ги откриеме и да разговараме со нив за инфекции. Дури и наведувањето на живеалиштето на жртвата може да доведе до ширење на паника во таа заедница, правејќи семејството на жртвата да биде уште понесигурно.

„Дарт центарот за новинарство и траума“ состави список на извори на информации за известување за КОВИД-19. Списокот вклучува упатства, препораки, најдобри практики и совети од експерти за интервјуирање на жртви и лица кои преживеале траума, како и за работа со колеги изложени на траума. „Центарот за здравствено новинарство“ исто така објави напис што содржи лекции за интервјуирање на лица кои преживеале траума. Ова се некои од советите:

· Третирајте ги жртвите со достоинство. Нека жртвата ве „покани“ во својата приказна.

· Овозможете ѝ на жртвата да го диктира времето и условите на интервјуто; дозволете советници.

· Бидете транспарентни. Информирајте ја жртвата и добијте согласност за нејзина идентификација.

· Ставете ја човечноста пред сторијата. На прво место е здравјето на жртвата, а потоа доаѓа сторијата.

· Не ја оптеретувајте жртвата почнувајќи веднаш со најтешките прашања. Сочувствувајте и сослушајте.

· Постојаното соочување со трауматизирани лица може да влијае врз вас.

Последната препорака на „Дарт“ е совет на кој што сите треба да обрнеме внимание:

„Грижете се и за себе.“