Чулев: Припадниците на МВР патролно ги контролираат лицата во изолација поради коронавирусот

Припадниците на полицијата патролно ги контролираат лицата на кои им е одредена мерка изолација поради коронавирусот. На граничните премини тие делат информативни флаери, а врз основа на увид во патните исправи доколку проценат или доколку сам се пријави одреден граѓанин, наш државјанин, кој доаѓа од високо ризичните земји вршат и интервјуа или по потреба повикуваат екипа од Министерството за здравство, информираше денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој појасни дека во моментов МВР е ангажирано на петте сувоземни гранични премини на кои се упатуваат сите граѓани кои доаѓаат од високоризичните земји, како и на двата аеродроми.

– Засега имаме волонтери на Црвен крст кои се активни само на два гранични премини и тоа Табановце и Деве Баир, додека на сите останати гранични премини припадниците на Граничната полиција вршат интервјуа со потенцијалните носители на коронавирусот. Во однос на лицата на кои веќе Институтот за јавно здравје им одреди мерка изолација, со оглед дека тој број постојано се зголемува, капацитетите на МВР се користат во насока на нивно патролно обезбедување, рече Чулев, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на полициската станица во Гази Баба.

Тој додаде дека припадниците на МВР имаат добиено насока врз основа на анализа на ризик и врз основа на увид во патните исправи доколку проценат или доколку сам се пријави одреден граѓанин, државјанин на Македонија, а доаѓа од високо ризичните земји, да извршат интервју, односно да ја повикаат екипата на Министерството за здравство. Значи не мора сам да се пријави граѓанинот, некогаш може и да биде детектиран од припадниците на Граничната полиција врз основа на анализа и увид во патната исправа и документација, рече министерот за внатрешни работи.

Поради зголемената изложеност на ризик и можен контакт со заболени, додаде Чулев, МВР набавило и во постапка на набавка сме на една дополнителна заштитна опрема.

– Тоа се заштитни ракавици, односно гумени ракавици и заштитни маски. Но, имаме набавено и заштитни маски со повисок степен на заштита со филтри кои припадниците на МВР ја употребуваат на граничните контроли кога вршат во автобуси и во други средства за превоз со поголем број на патници. Истовремено ќе набавиме средства за дезинфекција и ќе бидат поделени по полициски станици, рече министерот Чулев.

Моментно, додаде тој, се опремуваат и управните служби, а и увидните екипи со оглед дека, како што потенцира, тие се најмногу во допир со повеќе граѓани.