Популизмот е болест на регионот. Наместо да ги решаваат суштинските прашања, политичарите се борат единствено за тоа како да останат на власт. Немаат визија, особено не за економската иднина, реагира денеска Коморскиот инвестициски форум (КИФ), според кој, компаниите од балканските земји се уште губат многу време и пари чекајќи на границите поради меѓусебно непризнавање на документите и сертификатите, како и поради имплицираните обременети процедури.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, ако зборуваме за интегрирање во Европа, тогаш мора да обезбедиме слободен проток на луѓе, пари, капитал и услуги. Трговијата, инвестициите, мобилноста и дигитализацијата се четирите клучни сектори на кои мора да се стави приоритет доколку сакаме економски просперитет и фаќање чекор кон европското семејство.
– Економската соработка во регионот нема друга алтернатива освен елиминирање на бариерите и зајакнување на дијалогот. Само еден час чекање на граничните премини за еден камион значи две евра повеќе. Додека на овој начин доматите чекаат на границите, се претвораат во кечап, истакна генералниот секретар на КИФ, Сафет Ѓергалиу.
Според него, има уште многу да се работи за да се приклучиме кон нивото на Европа. Притоа приоритет треба да бидат интернационализацијата на економијата, сертифицирањето и стандардизацијата.
– Економскиот раст од четири проценти во земјите од регионот треба да добие суштина. Потребни ни се инвестиции, нови работни места, договори на нашите фирми со странски партнери, рече Ѓергалиу.
Коморскиот инвестициски форум кој профункционира од 2015 година и во кој се вклучени шест земји од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес дава позитивни резултати оценува Стопанската комора на Македонија. За четири години трговската размена на земјава со државите од регионот е зголемена за 400 милиони евра, додека извозот пораснал за 41 отсто.
– Засилените активности преку КИФ, низ бројки, покажуваат резултати. Минатата година трговската размена на земјава со регионот била 1,5 милијарди евра, додека во 2015 изнесувала 1,09 милијарди. Извозот пак лани бил 734 милиони евра, а во 2015 – 518,4 милиони, напомена Татјана Штериева од Стопанската комора.