Петров: Секое одложување на преселбата подразбира уништување на архивскиот материјал

Секое одложување на преселбата на Државниот архив на Република Македонија, кој е сместен во зградата на Археолошкиот музеј подразбира уништување на архивскиот материјал. Нема да дозволам ниту едно парче харија да се уништи.

Ова вечерва го истакна директорот на Државниот архив на Македонија. Кирил Петров во емисијата Ноќно студио на телевизијата Телма. Посочи дека зградата со секое врнење дожд протекува, а целокупниот материјал не е заштитен.

– Ќе се бориме со дождови, поплави, пожари…, ќе се бориме со сите сили, но нема да дозволиме да се уништи ова наше богатство. Ги преместуваме документите од место на место, ги дислоцираме само за да ги спасиме со оглед на тоа дека влагата ќе ги уништи, рече Петров.

За нас, истакна, трајно решение е да се вратиме назад во стариот објект, бидејќи тоа е наменски изграден објект од 1969 година, беше признат како едно ремек дело и беше најдобар објект изграден на Балканот за потребите на Архивот.

– Не смее да се дозволи материјалот од депото да се преселува на друго место. За секој можен истражувач кога ќе побара материјал тој треба да му се донесе во читалната која моментално се наоѓа во новиот објект. Значи дислокацијата на архивскиот материјал кој претставува наше огромно богаство, ние секојдневно го преместуваме што доведува до негово побрзо уништување, рече Петров.

Нагласи дека веќе е извршена реконструкција на старата зграда.

– Очекуваме таму во блиска иднина да се смести Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал. Владата бара трајно решение заради тоа што веројатно мисли дека не можеме да се вратиме во стариот објект…, додаде Петров.