Нема зголемен број мигранти на границата, властите апелираат да не се шират лажни вести за мигрантската криза

По обидот на над 24.000 мигранти да ја преминат грчко-турската граница на реката Марица во текот на викендот и завчера, нашите власти уверуваат дека нема зголемен број мигранти на јужната граница и апелираат до медиумите да не се шират лажи вести за мигрантската криза.

Државните органи на дневна основа следат што се случува на јужната граница. Од неодамна е активиран и новиот орган за координација на службите, а од пред два дена и армискиот контингент на граничната линија е зголемен за 10 до 15 пати.

Шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски при вчерашната посета на армиските припадници во Гевгелија, кои се ангажирани за обезбедување на граничната линија кон Грција, изјави дека досега нема никакво зголемување на бројот на мигранти на јужната граница, освен вообичаеното за овој период од годината.

– Ние сме дел од еден поширок низ на држави кои мора да бидат подготвени, па макар како транзитна држава. Искуството од 2015 и 2016 година е огромно и вредно во таа насока, така што не очекувам дека ние ќе бидеме изненадени, дури и да има евентуален прилив на бегалци наредниов период, рече Пендаровски.

Премиерот Оливер Спасовски, пак, информира дека засега нема мигранти кои се движат кон Грција, ниту пак кон земјава. – Во секој случај институциите се максимално подготвени за справување со евентуален нов бегалски бран, изјави Спасовски при вчерашната посета на граничниот премин „Табановце“.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска соопшти дека состојбата на јужната граница е стабилна, нагласувајќи дека безбедносните сили се подготвени да реагираат превентивно и според сите можни сценарија.

– Во моментот притисокот на нашата граница не и изразен повеќе од претходно. Главниот притисок е на грчко-турската граница. Факт е дека тоа предизвика одредено повлекување на грчките сили да се фокусираат на турската граница и тоа предизвика придвижување на мигрантите кои веќе беа во Грција кон северот на Европската унија, истакна Шекеринска.

Таа повика да не се шират лажни вести и да не се создаваат дезинформации без разлика која е причината и каква агенда стои зад тоа. – Изутрината почна да се шири информација, која е комплетно неточна, во поглед на насилство и проблеми на границата кај Битола. На тој начин не се штити државата, на тој начин само се дефокусираат напорите на сите државни институции да се справуваме со тоа што навистина може да биде проблем, нагласи Шекеринска.

Властите се во постојана комуникација со Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) и е побарано продолжување на ангажманот на полицијата од Фронтекс на нашата јужна граница.

Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи констатираше дека државава има воспоставен систем за одговор за справување со евентуален бран мигранти и сите надлежни институции ги активираа своите оперативни планови, а Владата со соодветно внимание ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација со партнерите на земјава од НАТО и ЕУ.

Владата на вчерашната седница го разгледа извештајот на Управувачкиот комитет за координација и справување во системот за управување со кризи за состојбата со мигрантската криза и донесе повеќе заклучоци кои тргнуваат од фактот дека земјава веќе има воспоставен систем за управување со мигрантската криза.

Владиниот кабинет заклучи дека системот е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците како транзитна земја и дека дел од тој систем е постојаната комуникација со партнерите на нашата земја во НАТО и ЕУ, како и со сите земји во регионот.

– Во таа насока е и заклучокот на Владата да се побара од земјите со кои С. Македонија непосредно соработува со нивните полициски припадници на нашата јужна граница, да се зголеми бројот на полициски службеници, кои со зголемениот број на припадници од Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе ги споделат оперативните ангажмани во случај на раст на бројот на мигранти, соопшти владината Прес-служба.

Република С. Македонија воспостави систем од претходната бегалска криза и тој систем е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои би се соочиле како транзитна земја. Во 2019 година беше продолжена кризната состојба на јужната граница, и согласно оваа одлука, сите институции кои имаат обврски во услови на зголемен притисок на нашите граници го засилуваат своето присуство и ангажман, соопшти владината прес-служба.

Министерството за внатрешни работи порачува дека граѓаните немаат причина за загриженост, дека состојбата е непроменета и оти има стандардна бројка на обиди за нелегален влез во нашата држава.

Илјадници мигранти дојдоа на грчко-турската граница, по информациите дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ја отвори границата и ќе им дозволи да влезат во Европа. Мигрантите се собираат во неутралната зона на границата меѓу Грција и Турција, по што по барање на Атина, ФРОНТЕКС распореди дополнителни сили на грчко-турската граница и го подигна степенот на предупредување за сите граници кон Турција.