По извештајот на Европската комисија во кој беа позитивно оценети реформите во правосудството, добивме позитивен извештај и од Делегацијата на Постојаниот комитет за европски прашања на Претставничкиот дом на Кралството Холандија која ја посети С. Македонија во февруари годинава, соопшти Министерството за правда.
Од последната посета во мај 2019 година, известувачот констатирал дека С. Македонија постигна дополнителен напредок кон започнување на преговорите за пристап во ЕУ.
-Во извештајот е нотирано дека С. Македонија има постигнато голем напредок во прилагодувањето на домашната политика и законодавството во согласност со правото на ЕУ. Извештајот потенцира дека, околу 34 отсто од европските правила од регулативите и директивите во областа на правдата и внатрешните работи се веќе имплементирани во домашното законодавство. Исто така, во извештајот се констатира дека во Република С. Македонија е забележана суштинска мотивација и убедлива посветеност на реформите од страна на власта, информираат од Министерството за правда.
Според известувачот, усвојувањето на Законот за Јавното обвинителство е импресивен резултат, кој овозможил продолжување на истрагите, но и дека законот не содржи скриена амнестија која ќе им овозможи на одредени (поранешни) политичари да избегнат истрага.
Овој позитивен извештај, како што е наведено од Министерството за правда, се очекува да биде основа на дискусијата во Холандскиот парламент за проширувањето на ЕУ на Балканот.