Седница на Влада, на дневен ред точки од областа на безбедноста и економијата

 Владата денеска ќе ја одржи редовната 13-та седница, на чиј дневен ред, меѓу другото, е и информацијата за учеството на Република С. Македонија во Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија во периодот 1 јули – 31 декември 2019 година.
Како што информира владината прес-служба, на предлог на Министерството за одбрана министрите во Владата ќе се произнесат по информацијата за ажурирана Нацрт Стратегија за одбрана на Република С. Македонија.
На денешната седница е точката со информација со анализа за примената на Законот за правда за децата, што ќе ја презентира Министерството за правда, како и информацијата за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на мониторинг на водите во Република С. Македонија.
На предлог на Акционерско друштво за производство на електрична енергија, „Електрани на С. Македонија“ (ЕСМ), во државна сопственост, Владата денеска ќе донесе мислење за финансискиот план, за годишната инвестициска програма и за годишниот план за јавни набавки на АД ЕСМ за 2020 година.
На седницата ќе се разгледа и годишната програма за работа за 2020 година, како и информацијата за реализација на Проектот „Младинска картичка“ на Агенцијата за млади и спорт.