Со состанокот на Управувачкиот комитет, со кој претседаваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, и на кој учествуваа вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, министерот за здравство д-р Венко Филипче, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку, претставници на канцеларијата на Претседателот на Република С. Македонија и на Армијата на Република С. Македонија, било истакнато дека Владата со соодветно внимание ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација со партнерите на нашата земја од НАТО и ЕУ.
Република С. Македонија, како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, воспостави систем од претходната бегалска криза и тој систем е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои би се соочиле како транзитна земја.
-Во 2019 година беше продолжена кризната состојба на јужната граница, и согласно оваа одлука, сите институции кои имаат обврски во услови на зголемен притисок на нашите граници го засилуваат своето присуство и ангажман. Уште во текот на денешниот ден, зголемен е бројот на припадници на полицијата и на Армијата распоредени на јужната граница и потврдени се оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на понатамошен раст на бројот на мигранти, се наведува во соопштението.