ЕК очекува земјите членки да одобрат старт на преговорите со Скопје и Тирана

 Европската Комисија (ЕК) претпладнето ги објави и официјално двата извештаја за реформскиот напредок на С. Македонија и Албанија, наменети за земјите членки на Унијата да донесат одлука на крајот на овој месец за почеток на преговорите.

Портпаролката на ЕК за проширување, Ана Писонеро, изјави дека Комисијата, по оваа проценка на двете земји, останува на ставот дека Скопје и Тирана се подготвени за почеток на преговорите со ЕУ и се надева дека овој пат Советот ќе даде зелено светло, паралелно со ревидираната методологија за преговори.

Пролетниот самит на ЕУ е закажан за крајот на март, се очекува преговорите со Скопје и Тирана да бидат ставени на дневен ред.

Фактот што пред овие извештаи беше објавена новата преговарачка методологија е причината зошто Европската Комисија е оптимист дека земјите членки овој пат едногласно ќе одобрат почеток на преговорите.

-Се надеваме дека предлогот ќе функционира за двете страни, ги земавме предвид преокупациите на земјите членки и паралелно со тој предлог ги објавуваме овие извештаи кои покажуваат опиплив и одржлив напредок во клучните области кои Советот сам ги идентификуваше, ова е добра основа за носење на позитивна одлука и значително пред самитот во Загреб, изјави Писонеро.

Извештаите објавени денеска го поздравуваат напредокот во двете земји. За С. Македонија, ЕК смета дека земјата презела значајни чекори за зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, и остварила напредок во реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.

Што се однесува до Албанија, ЕК смета дека земјата остварила опиплив напредок во судските реформи и ветингот на судиите како и во делот на политичкиот дијалог и намалувањето на неоправданите барања за азил на албански граѓани во земји на ЕУ.

С. Македонија и Албанија сега го чекаат судот на земјите членки. Еден од проблемите кои се најавуваат повторно е прашањето за одвојувањето на двете земји, со оглед на тоа дека Холандија ставила на знаење на последната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ дека зеленото светло за Албанија е тешко изводливо. Се очекува повторно да се изјасни и холандскиот парламент на оваа тема.

Франција, од своја страна, се противи на секакво одвојување на двете земји.