Претседателот на Комисијата за европски прашања и пратеник во македонското Собрание Артан Груби во Белата куќа во Вашингтон се сретна со специјалниот советник на заменик претседателот на САД Мајк Пенс, Моли Монтгомери, со која разговарале за политичката ситуација во Македонија и предизвиците во однос на реформите и евроатлантската интеграција на земјата.
Груби, како што соопшти Комисијата за европски прашања, изразил благодарност за стратешкото партнерство и поддршка на САД за Република Македонија низ сите години и убеденост дека таа поддршка нема да изостане ниту, како што рекол, во овие пресудни времиња.
Монтгомери посочила дека дека САД ги поддржуваат евроатлантските стремежи на Македонија, дијалогот со соседите и реформската агенда што, како што рекла, треба да овозможи владеење на правото, демократско владеење и кредибилни институции.
Таа истакнала и дека има оптимизмот во Белата куќа во врска со позитивните вести кои што доаѓаат од Македонија и го истакнала моментот на огромна можност за реализација на заедничките цели.
Груби на средбата повторил дека владината коалиција ги решава своите домашни задачи за да им помогне на пријателите на Македонија да имаат што е можно посилни аргументи за нашиот случај.
– Реформите, исполнување на сите очекувања од Брисел, Охридскиот договор и добрососедството се на одличен пат да се реализираат целосно. Но, сепак, ни преостанува уште спорот со нашиот јужен сосед за кој што очекуваме директна помош од САД во правец на изнаоѓање на достоинствено решение, истакнал Груби.
Оваа година, рекол Груби, е пресудна, клучна и историска затоа што сме најблиску до конечно решение, а веќе следната година е изборна во Македонија и Грција, но и во Европската Унија при што ќе има нов Европски парламент и комисија.
Тој на средбата испратил покана до заменик претседателот на САД, Мајк Пенс да ја посети Македонија што е можно поскоро.