Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Ханс Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација за Европа. На средбата се разговараше за актуелната состојба со коронавирусот во земјава, како и за најновите информации за ситуацијата со овој вирус во светот.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Клуге оцени дека нашата држава има добри капацитети и дека презема вистински чекори во подготвеноста за справувањето со коронавирусот.
– Тој посочи дека нема место за паника и дека е значајно граѓаните да се информираат од релевантни извори, за да не се дозволи создавање епидемија на лажни вести, со што се согласи претседателот Пендаровски. На средбата се разговараше и за состојбата со аерозагадувањето во нашата држава, при што претседателот Пендаровски рече дека негова заложба е овој проблем да се стави високо на агендите, посочувајќи го примерот со седницата на Советот за безбедност на која во присуство и на невладини организации се разговараше за аерозагадувањето како безбедносен ризик во државата, информира Кабинетот на Пендаровски.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, е во посета на нашата држава по повод одржувањето на вториот национален форум за здравје, насловен „Здрави мајки, здрави новороденчиња: С. Македонија одговара на предизвиците“, која ја организира Министерството за здравство со поддршка на Светската здравствена организација.