Инфраструктурни зафати во Општина Битола

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска изврши увид во градежните активности на улицата „13. Јули“ во Нова Битола.

За реконструкција и ставање во функција на таа улица, Општината издвои 5,5 милиони денари, изјави Петровска.

– Во изминатиот период имавме инфраструктурни зафати на улицата „13. Јули“ во висина од над 800 илјади денари кои ги реализира ЈКП „Нискоградба“ – Битола, а сега продолжуваме со уредување на коловозот, тротоари, паркинзи и осветлување за што Општина Битола ќе вложи над 4,7 милиони денари или вкупно 5,5 милиони денари, истакна Петровска, додавајќи дека инфраструктурниот зафат е изнуден и наследен од поранешната локална власт бидејќи и покрај тоа што инвеститорите на станбените објекти ги платиле сите давачки, комуналии кон општината, инфраструктурното уредување локалната самоуправа не го реализирала, а такви ситуации има и на други места во градот.

Општина Битола по 40 години застој почна да ја реконструира и една од најдолгите улици во градот, улицата „Илинденска“, а во тек се инфраструктурни зафати и на други локации на подрачјето на општината, беше посочено на прес конференцијата во Битола што ја одржа градоначалничката Наташа Петровска.