Подготвеноста на властите во справувањето со коронавирусот е одлична. Им честитам на властите, бидејќи С. Македонија направи проценка на капацитетите дали има доволно човечки ресурси и инфраструктура, дури и пред да се појави првиот случај на болеста. Ова во интервју за МИА го изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клухе, кој е во посета на земјава.
Според него, С. Македонија ги применува сите стандардни оперативни процедури на влезните точки, вклучително и на меѓународните аеродроми.
На прашањето на МИА дали има место за паника, и колкава е смртноста од коронавирусот во споредба со сезонскиот грип, Клухе вели дека нема причина за паника.
– Ќе бидам директен, му се обраќам на прекрасниот народ на оваа земја – не постои причина за паника. Јас како специјалист за инфективни болести имам целосно разбирање за загриженоста на луѓето за нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов, затоа имаме сериозен пристап. Но, треба да запомниме – денеска има 81.000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а останатите три надвор од Кина, во 47 земји, рече Клухе во интервјуто за МИА.
Вели дека од пет пациенти, секој четврти или 80 отсто има благи симптоми и заздравуваат успешно, кај 15 отсто има посериозни симптоми, а само пет отсто се во критична состојба.
Вие сте на оваа позиција од 1 февруари овој месец и веќе се соочивте со голем предизвик – коронавирусот. Во Италија состојбата е критична, а во С. Македонија, Грција и во Хрватска веќе се потврдени првите случаи на вирусот. Во речиси сите земји овде се примаат и проверуваат сомнителни случаи. Дали Европа е подготвенa за масовно ширење на вирусот?
– Светската здравствена организација работи со секоја од 53-те нејзини членки во целиот регион да бидат што е можно поподготвени. Имаме фокусни точки во секоја од тие земји кои работат постојано со цел да биде подготвен нивниот здравствен систем. Тоа значи тие да бидат способни да детектираат случаи, да ги третираат пациентите достоинствено и со емпатија, не сакаме да има социјална дискриминација и доколку има пренесување на вирусот, тој да биде запрен особено во здравствените установи. Заштитата на здравствените работници е врвен приоритет.
Во посета сте на С. Македонија, Ваша оценка за подготвеноста на властите за справување со коронавирусот?
– Им честитам на властите во земјава искрено и објективно, особено на министерот за здравство Венко Филипче, бидејќи С. Македонија направи проценка на капацитетите и дали има доволно човечки ресурси и инфраструктура, дури и пред да се појави првиот случај на болеста.
Откако се појави коронавирусот во Италија, вашиот министер за здравство презеде иницијатива да воспостави мултисекторски тим за менаџирање со кризи под раководство на премиерот, да направат увид во справувањето со вирусот. Десет јавни здравствени центри се вклучени во земјата за превенција, има установи кои се подготвени да ги примат пациентите кај кои е потврдено присуство на вирусот, но и објекти во кои луѓето ќе бидат ставени во карантин, доколку биде потребно.
Доколку ситуацијата се влоши кај вас, тогаш ќе биде потребно да бидат ставени во функција дополнителни капацитети, за да одговорат на ситуацијата, особено доволен број човечки ресурси. Но до денес можеме да кажеме дека земјата ги следи препораките на СЗО.
Дали сметате дека мерките на проверка на патниците што се применуваат на границите се доволни да се спречи или контролира ширењето на коронавирусот, и дали сметате дека треба преземат построги мерки како што е затворање на границите, за да се спречи негово ширење?
– Како прво, С. Македонија ги применува стандардните оперативни процедури на влезните точки вклучително меѓународните аеродроми, во согласност со препораките на СЗО. Имаше министерски состанок завчера во Рим, јас вчера тука дојдов директно од Рим каде имавме прес-конференција со италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанза, со еврокомесарот за здравство и безбедност на храна и со директорот на Европскиот центар за контрола на болести. Имаше состанок на италијанскиот министер за здравство со претставници на соседните земји и беше одлучено да не се затвораат границите, нешто што СЗО го поддржува.
Земјите треба да бидат подготвени. Она што е важно е земји како Кина, каде има најголем број пријавени случаи, прават скрининзи на излез од државата. Во неколу земји, пациенти биле детектирани на влез на земјите. Но С. Македонија ги применува стандардните оперативни мерки.
Дали паниката е реална и колкава е всушност смртноста од коронавирусот, доколку го споредиме со сезонскиот грип?
– Прашањето ви е одлично. И ќе бидам директен, му се обраќам на прекрасниот народ на оваа земја – не постои причина за паника. Јасно ни е. Јас како специјалист за инфекции имам целосно разбирање за загриженоста на луѓето за нивното здравје и здравјето на нивните семејства. Вирусот е нов, затоа имаме сериозен пристап. Но, треба да запомниме – денеска има нешто повеќе од 81.000 случаи, од кои 97 отсто се во Кина, а останатите три надвор од Кина, во 47 земји.
Второ – од пет пациенти, секој четврти или 80 отсто има благи симптоми и заздравуваат успешно. Кај 15 проценти има посериозни симптоми, а пет отсто се во критична состојба. До денеска, смртноста е два проценти, но можно е да се смени состојбата. На пример, во Кина која откако презеде драстични мерки добро се справува со состојбата, смртноста е еден процент.
Смртноста од сезонски грип е сепак помала, но да не заборавиме дека според проценките, секоја година 60.000 до 70.000 луѓе умираат од сезонски грип за која имаме развиено вакцина со висока ефектност.
Мојата порака е – нема простор за паника.
Во исто време, да го искористиме вакцините, тие спасуваат животи. Вашата земја презема одлични мерки да за зголеми опфатеноста на вакцинација против морбили.
Јас лично сум вакциниран против сезонски грип.
Досега светот се соочи со епидемии на ебола, САРС, сега имаме КОВИД-19. Може ли паралела на стапката на смртност од овие болести?
– Рано е да се направи. Сега сме во фаза во која учиме нешто ново секојдневно. Затоа е важно земјите да соработуваат заедно, осовено оние каде што има многу случаи, како на пример Кина, а сега и Италија, Иран, Јужна Кореја, за да ние научиме повеќе за тоа како се пренесува, за смртноста од вирусот и да дознаеме повеќе за вирусот. Прерано е.
СЗО одржа состанок на 7 јануари со сите поголеми јавни и приватни партнери, меѓу кои и Светската банка, за да подготват план за истражување и развој за да се забрза развивањето на нова вакцина. Клиничките испитувања се очекуваат да за почнат за три до четири месеци. За нова вакцина обично потребно е една и пол година. Како и во случајот со ебола, СЗО ќе направи напори да го скрати тоа време.
Пред две години, за време на вашата посета на Првиот Национален форум за здравје, кажавте дека ќе дојдете на Вториот доколку реформите се одвиваат во правилна насока. Сега сте тука, дали тоа значи дека реформите соодветно се имплементираат?
– Импресионирам сум што се сеќавате на мојата изјава. Јас сум човек од збор како и вашиот министер Филипче. И тој е човек од збор. Не е едноставно да се реформира примарното здравство. Секогаш велам дека здравството е како голем танкер. Потребно е да бидеме иновативни во размислувањата, но и реформите во здравството да еволуираат. Министерот беше посветен на подобрување на квалитетот и индикаторите. Денеска зборувавме за подобрување на здравјето на мајките и на бебињата. Земјата се движи напред и прави напори да ја подобри состојбата со медицински сестри и доктори и како тие се распределени низ земјава. Има воведено и иновативно решение – патронажен систем. Нешто што се сеќавам дека пред две години министерот многу сакаше да го воведе. Ја посетив поликлиниката „Букурешт“ и разговарав со здравствените работници и пациентите и се имплементира следново – има два проекти со намера брзо да се вметнат научените лекции и да се применат на национално ниво. Исто така разговаравме со амбасадорите, меѓу кои и со евроамбасадорот, кои изразија поддршка за реформите. Утре ќе разговараме за нови идеи, како меѓународната заедница да ја зголеми поддршката за С. Македонија и Министерството за здравство.