Блиску сме до договор за конкретните места, овие денови ќе се утврдат точните позиции, но доволно утврдивме за да ја постигнеме коалицијата, истакна денеска лидерот на СДСМ по официјализирањето на предизборната коалиција меѓу неговата партија и Беса за престојните предвремени парламентарни избори закажани за 12 април.
– Во следниот период, кога ќе работиме на програмата, ќе ги прецизираме и местата на изборните листи, рамноправната застапеност на двата пола, но се уште се разговара и со досегашните коалициони партнери, појасни Заев.
Според престедателот на Беса, Биљал Касами, кадровските прашања ќе бидат во интерес на граѓаните и нагласи дека е сигурен оти кој и да биде на листите, ќе бидат најдобрите кандидати.
На прашање за изјавата на лидерот на СДСМ дека нема да дозволат уценување од никого и дали мислел на ДУИ, Заев рече дека со оваа партија се во оперативна коалиција која финкционира на владино ниво.
– Вистината е дека одлуките на ДУИ во 2016 година овозмоижија да се попречи останувањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Со ДУИ се донесоа крупни одлуки, но се гледа дека останати се и последици од поранешната соработка со ВМРО ДПМНЕ во времето на режимот, рече Заев и додаде дека како ќе се постави ДУИ во современата политичка состојба во државава, е прашање на нивна одлука и тест. Според него, од нивниот капацитет зависи дали ќе се менуваат кон подобро.
Заев рече дека секогаш ги кажувал проблемите со кои се соочувале со коалициските партнери.
– Зарем не е создавање проблем манипулацијата на Блерим Беџети, за тоа што сме зборувале во функција на она што значи потребата ефикасни и ефективни одлуки во правосудството. Зарем не е, не знам, одредени проблеми коишто се јавуваа – народот ги гледаше, ги следеше. Денеска во нашата земја се знае се, така што сме зборувале отворено за проблемите, сме зборувале отворено и за успесите коишто сме ги постигнале. Јас реков, ние до ден денеска сме коалиција и функционираме како коалиција, додаде Заев.
Во однос на ТВ дуелот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, Заев рече дека од досегашните два дуели што ги имал со него, го постигнале ефектот на разобличување на, според него, лажните политики.
– Некој пат ги нарекувам отровните и катастрофални политики за државата, народот и перспективите на нашата земја. Секако несериозноста на нивните политики денеска ги ставаат во опозиција. Да знаат граѓаните дека ќе останат во опозиција, а не како власт. Немаа ставови по крупните прашања до ден денеска. Се закануваат за сите договори коишто се постигнати и дома, но и со соседите, а притоа не даваат никаква гаранција каква иднина проектираат за граѓаните. На сите теми, дали е економија, енергетика, дали е правосудство, дали е здравство, образование, јас сум спремен да дебатирам до крај заради тоа што верувам во вистински вредности, истакна Заев.
Тој нагласи дека дуелите претставуваат демократска алатка каде што граѓаните ќе може да видат за каков карактер на човек се работи, кој претендира за потенцијалната премиерска функција.
Заев потсети дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ дуелите не постоеле колку и да повикувала тогашната опозиција.