Киевскиот митрополит Онуфрие и Јован Вранишковски на литии во Црна Гора

Киевскиот митрополит Онуфрие денеска пристигнува во Црна Гора, во посета на Црногорско-приморската митрополија на Српската православна Црква (СПЦ), каде неколку дена ќе ги предводи литиите кои ги организира СПЦ во Црна Гора.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, украинскиот митрополит Онуфрие заедно со црногорско- приморскиот митрополит Амфилохие, ќе ги предводи литиите на улиците на црногорскиот главен град, со цел, како што соопштија на сајтот на оваа митрополија, „да ја поддржи правичната борба на верниот народ против владиното беззаконие за слобода на вероисповеста“.

Во сабота, на 29 февруари, Онуфрије „заедно со архиепископот охридски и митрополит скопски Јован, митрополитот Амфилохије и повеќе епископи на украинската и српската православна црква, зедно ќе служат Светата архиерејска литургија во подгоричкиот Храм на Воскресението Христово“, се наведува во соопштението на црногорско-приморскта митрополија, по што ќе се одржи литија до манастирот Свети Симеон Мироточив во Подгорица.

Вчера, прес-службата на Православната црква на Украина (ПЦУ) објави дека нејзиниот митрополит Епифание Думенко нема добиено покана за посета на Црна Гора и изрази жалење што „митрополитот на Руската православна црква во Украина“, Онуфрие, е поканет на литија на 29 февруари.

ПЦУ забележува дека во Црна Гора е поканет епископот Онуфрие, кој е наречен „митрополит на Руската православна црква во Киев“, и уверува дека тој и „другите архиереи на Московската патријаршија не ја претставуваат автокефалната Украинска православна црква која ја признава Васеленскиот патријарх“.

Православната црква на Украина соопшти дека не се меша во прашања кои се однесуваат на Црна Гора и затоа очекува Црквите во таа држава „да го почитуваат канонскиот поредок за прашања кои се однесуваат на Украина“.