Градскиот стадион во Крива Паланка наскоро ќе добие нов лик со изградбата на атлетска патека, терен за мини голф и скејт-парк во спортскиот комплекс во градот.
Активностите на терен отпочнаа, градежните машини ја расчистуваат подлогата и се порамнува теренот за поставување на атлетска патека.
– Уредувањето ќе се реализира како дел од проектот „Подобра спортска инфраструктура, подобро здравје за сите“, финансиран од Амбасадата на Република Бугарија во Република Северна Македонија, кој е насочен кон младите од Општината, ученици, спортисти и рекреативци, со цел нивна поголема вклученост во спорт и спортско-рекреативни активности, овозможувајќи им повеќе услови за реализација на истите, информира Службата за комуникација на Општината.
![]()
Висината на инвестицијата за сите проектни активности изнесува околу 73.000 евра, со 25 отсто кофинансирање од страна на Општината.
Предвидено е да се уреди и комплетно да се промени ликот на градскиот стадион преку уредување атлетска патека околу градскиот стадион, нејзино уредување и ставање во функција по сите стандарди на Светската атлетска федерација, уредување на мини-голф терен и изградба на скејт-парк на локацијата покрај стадионот.