Првиот регистриран случај со коронавирус во С. Македонија беше соопштен само неколку часа откако Министерството за здравство на Грција информираше дека и кај јужниот сосед е откриен и потврден првиот случај на Ковид-19, што резултираше грчките медиуми, поконкретно само онлајн изданија да ја пренесат веста за заразената македонска државјанка, јави дописничката на МИА од Атина.
-Прв потврден случај на коронавирусот во С. Македонија”; „Една 50-годишна жена е првиот случај на коронавирусот во Скопје”; „Ковид-19: Прв случај во Скопје”; „Коронавирусот зема замав во Европа – прв случај во С.Македонија”; „Коронавирус: Прв случај во Северна Македонија – жена која се вратила од Италија”; „ С. Македонија: жена, првиот случај на коронавирус”; „Коронавирус: Вирусот стигна и во С. Македонија”, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, кои во главно го објавуваат текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА.
Пренесена е изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, како и информацијата дека 50-годишната жена, со комбе се вратила од Италија.
Во синоќешните централни изданија на вестите на телевизиите во Грција фокусот беше ставен на двете главни теми што вчера беа актуелни кај јужниот сосед: првиот случај на коронавирусот во Солун и ситуацијата на Лезбос и Хиос, каде што имаше сериозни инциденти меѓу полицијата и локалното население.