Операторите да ја преиспитаат најавата дека ќе прекинат со емитување на програмите на националните телевизии поради новите законски обврски за авторските права, а надлежните институции да ги потсетат на обврските што ги имаат со добиените лиценци за работа, како и дека не може да бидат дотолку општествено неодговорни, со оглед на деликатната состојба со потребата за известување за коронавирусот и предизборниот период, порачаа денеска петте национални телевизии од Македонската медиумска асоцијација (ММА).
Тие тврдат дека гарантираат за авторските права на нивните програми и истакнуваат дека се задоволни што конечно 30 години се прави обид да се воведе ред во таа област.
Сметаат дека е апсурдна, паушална и незаконска најавата на кабелските оператори за прекин на емитување на програмите, што го образложија како реакција на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што ги изгласа Собранието пред распуштањето со им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програмите што ги реемитуваат.
– Најавата од кабелските оператори и А1 и Телеком за исклучување на сите канали во нивните телекомуникациски мрежи е апсурдна, неразбирлива. Ние ги гарантираме авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашата програма не се појавува никаква пиратерија, ништо за што не е регулиран договор и за што немаме законско право да емитуваме. Оттаму, навистина е чудно зошто нас би не исклучиле од нивните телекомуникациски мрежи како емитувања, особено што имаме и валидни договори, евентуално раскинување на тие договори трае 30 дена, така што ова е паушален незаконски чин, да не речам хир од страна на кабелските оператори, рече на прес-конференција Атанас Кировски, претседател на ММА.
Операторите, укажа, имаа една година да се прилагодат за стапувањето во сила на Законот што беше донесен во 2018 година и за кој имаше јавна расправа и беше објавен на ЕНЕР. Не е точно, посочи, дека тој е донесен во нетранспарентна и брза постапка од Собранието, а кое изгласа само укинување на делот со кој се предвидуваше дека законот ќе стапи во сила 60 дена по конституирање на новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, што не се случи.
Кировски оцени дека изјавата на претседателот на АВМУ Зоран Трајчевски дека законот е донесен во брза и нетранспарентна постапка е политичка и оти со тоа тој се става над Собранието и треба да си поднесе оставка. – АВМУ, особено Трајчевски, се дел од овој проблем што се напластува изминатиот период. Неговото непостапување е директна причина за еслакација на работата. Изегување во јавноста со такви лажни информации дека наводно е донесен закон без јавна рсправа и недемократски во последен момент е едноставно лажење во очи на јавноста или некомпетентност на човекот. Тоа е недозволиво, нагласи Кировски.
Како што укажа, националните телевизии ги гарантираат авторските права за програмите што ги емитуваат, но ние сме последната држава во Европа каде се пиратираат 10 -ина канали без авторски права кои создаваат нелојална конкуренција.
– Првиот критериум за да се приклучиме на европското семејство е почитување на законот. Не може да не се почитуваат Законот за интелектуална сопственост и Законот за авторски права. Оние одредби од Законот што важат за морална, материјална и кривична одговорност, како што важат за телекомуникациските оператори, така важат и за телевизите. Зошто ние не се плашиме и не се заканиме дека ќе исклучиме програми? Некој очигледно пиратира и сака да продолжи да пиратира и се заканува на јавноста дека ако не му биде дозволено да пиратира тогаш ќе затемни и ќе влеземе во информативен мрак. Ова е навистина крајно непринципиелно однесување, рече Кировски, укажувајќи и дека телевизите имаат доставено 10-ина тужби за флагрантно кршење на авторските права, но обвинителството не постапува.
Од странските амбасади, како што тврди, добиле принципиелна поддршка дека треба да се почитуваат авторските права. Потенцира дека не верува оти токму ЕУ би им дозволила пиратирање на телекомуникациските оператори. Повика за тоа да се изјасни и Делегацијата на ЕУ во Скопје, со оглед дека операторите се повикаа на крешење на европски директиви.
Како што наведе Кировски, петте национални телевизии се сооочувале со „примитивни“ закони во изминатиот период, но никогаш не се заканиле дека ќе ги исклучат сигналите и оти ќе ги ускратат граѓаните од информирање.
Крајно непријатно сум изненаден, рече Кировски, од тоа телекомуникациските оператори да покажат толку ниско ниво на општествена одговорност во една таква деликатна ситуација во каква што сме сега кога Владата побара од нас да емитуваме бесплатни спотови за да го информираме населението за коронавирусот, во месец кога конечно очекуваме да добиеме датум за преговори, како и во предвечерието на парламентарни избори.
– Во изминативе 25 години ниту еден закон не важел за телекомуникациските оператори, едноставно емитуваа или реемитуваа што ќе им падне на памет, постојано пиратираа и нивното работење со ништо не беше регулирано. Првпат кога некој побара и се заложи нивното работење да биде регулирано тие се заканија со одмазда врз граѓаните, врз телевизиите, врз сите чинители и една таква одлука ќе влијае и на бизнисот и на маркетинг агенциите и на сите. Навистина сум крајно непријатно изненаден и верувам дека ќе ја преразмислат таа одлука, а институциите во државата ќе интервенираат и ќе ги потсетат дека како што ние сме добиле од државата национални концесии и тие добиле од државата лиценци за да го работат тоа што го работат и оти не може да се однесуваат дотолку општествено неодговорно, рече Кировски.
На одговорност повика и претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, која порача дека операторите имаат склучено договори со компаниите и граѓаните од кои произлегуваат права и обврски и тие треба да се почитуваат.
-Закани за информативен мрак се недозволиви, поточно потребно е да се почитуваат законите и воспоставените договори во рамки на облигациските односи. Сите зависиме од информациите кои се неопходни во деловното работење и затоа за еднострано раскинување или ад хок измени на договорите од страна на операторите, сите треба да се свесни дека ќе имаат реперкусии. Деловната заедница апелира дека треба да се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост како и регулативата да се почитува и спроведува неселективно, истакна Арсовска.