За 70 години на Прилепскиот театар, ансамблот на средба со градските власти

По повод 70 години на Прилепскиот театарот „Војдан Чернодрински“, актерската екипа и целиот ансамбл денеска беа на средба со приелскиот градоначалник Илија Јованоски.

На средбата, Јованоски го изрази своето задоволство од досегашната работа и постигнатите успеси на театарот кој е помеѓу најдобрите во земјава.

На средбата беше разговарано и за проблемите со кои се соочуваат актерите, со посебен акцент на состојбата во која се наоѓа објектот и условите во кои работи ансамблот и што поскоро решавање на ситуацијата.

Театарот 70-годишнината од своето постоење ја започна со премиера на  „Лажговци“, во режија на Коле Ангеловски, минатиот понеделник. По повод јубилејот, помладата генерација од ансамблот во рамките на манифестацијата „Недела на театарот“, на 18 февруари на денот кога пред 70 години ја одигра првата претстава „Кир Јања“,  го изведе музичкиот перформанс „Move the beat with Actors and The Hounds“, а беа прикажани уште пет други претстави од тековниот репертоар до крајот на минатата недела.

Во своето седумдецениско опстојување, театарот „Војдан Чернодрински“, кој е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, посебно внимание посветува на домашното творештво. Во седумте децении, на матичната сцена биле  прикажани околу 350 премиери и изведени околу 7.500 претстави, кои ги виделе над 1.6 милиони посетители.

Ансамблот сака да го врати поранешниот правен статус и да биде посебна институтција, а бара одговор и на прашањето кога ќе се гради новиот театар во Прилеп.