Димитров: Нема стабилна и успешна Европа без целосна интеграција на Западниот Балкан

 Од денешниот собир во Солун е упатена голема порака дека не може да се замисли цела, стабилна и успешна Европа без целосна интеграција на Западниот Балкан, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за медиумите на маргините на конференцијата „Од Солун до Загреб“.

Една голема порака, потенцираше, до остатокот на Европа – Европа цела, стабилна, успешна и во мир не може да се замисли без целосна интеграција на Западниот Балкан.  – Тоа е и повик, согласно со заклучоците од Европскиот совет минатиот октомври, да се донесат одлуки за пристапните преговори со С. Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб, изјави Димитров по завршувањето на сесијата на солунската средба насловена „Унапредување на европската интеграција на Западен Балкан: Актуелни предизвици и перспективи“.

Димитров нагласи дека денешната министерска конференција е многу симболична, бидејќи се одржува во Солун 17 години по првиот Самит во овој град во 2003 година, кога Европа му вети на Балканот дека неговата иднина е заедно со неа во ЕУ.

-Симболично е што сме во истиот град на неколку месеци пред Самитот во мај во Загреб од кој имаме големи очекувања и ова на некој начин е некој мост и важна поддршка од соседите кои се дел од ЕУ – Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Хрватска и Италија, додаде шефот на македонската дипломатија.

Тој оцени дека денешната средба е корисна бидејќи на неа се гради чувство на заедништво во нашиот регион меѓу земјите кои веќе се членки на ЕУ и оние кои се уште не се, при што му се заблагодари на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас за организацијата и идејата за одржување на овој состанок.

Конференцијата во Солун продолжува со работен ручек на учесниците на кој ќе се разговара на темата „Западен Балкан во Европа: Патот напред“.