Пчеларите од Македонска Каменица го одбележаа заштитникот на пчеларите ,,Св.Харалампиј”. На настанот кој по тој повод го организираше Здружението на граѓани – „Еко Кам Мед“, пред православниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица” и Паркот на пчеларите беа поделени разни медоносни садници кои пчеларите ќе ги засадат во своите пчеларници.
-Се работи за медоносни садници кои влијаат на подобрување на приносот на мед бидејќи овие дрва цутат во покасните месеци во годината кога веќе престанува цветната паша на пчелите. Оваа мерка Здружението ја реализира со помош на локалната самоуправа и Рудник САСА, кои ѝ оваа година дадоа поддршка за реализација на оваа програма, информираа од ,,Еко Кам Мед”.
Претседателот на здружението Боге Јанковски најави богата програма за 2020 година, која ќе содржи соодветни обуки и набавка на литература за пчеларите од Македонска Каменица.
-Здружението ќе организира и посета на пчеларници надвор од Македонска Каменица, со што пчеларите ќе можат да остварат контакти и размена на ускуства со пчеларите од другите региони. Што се однесува до пчеларското здружение „Еко Кам Мед“, имаме над 100 членови со тенденција на пораст. Радува фактот дека има се повеќе млади пчелари кои се зачленуваат во Здружението кои гледаат егзистенција во оваа дејност, рече Јанковски.
На настанот присуствуваше и градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова која издрази задоволство од активностите на Здружението, изрази радост поради добрата организираност на пчеларите и најави зголемена соработка и помош кон пчеларите, со цел зголемување на пласманот на каменичкиот мед, како брендиран производ на домашниот и европскиот пазар на здрава храна.