АФПЗРР: Привршува рокот за аплицирање за Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“

Крајниот продолжен рок за поднесување на апликациите за користење на средства од ИПАРД 2 Програмата, поточно од Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ истекува на 26 февруари, информира Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР).

Директорот на АФПЗРР Николче Бабовски ги потсетува сите заинтересирани дека преку јавниот повик за мерката 3 на располагање им се 13,3 милиони евра.

-Мерката овозможува реализација на инвестиции во модернизација на постоечките или отворање нови погони за производство на млеко и млечни производи, месо и месни производи, вклучувајќи и јајца, живина, потоа овошје и зеленчук, вклучувајќи печурки, компири и илегуминозни култури, житарици, млечни продукти и скроб, зеленчукови производи, масла и маснотии од животни, шира, вино и оцет, појаснува Бабовски.

Со овој повик, додава, на фирмите и на земјоделските задруги им се овозможува да инвестираат во набавка на нова опрема и да ги модернизираат постојните или да отвораат нови преработувачки капацитети, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка.

-На овој начин и преку овие мерки, нудиме можност за развој на домашните земјоделски стопанства и агро компаниите. Преку осовременување на постоечките и отворање на нови производни капацитети, очекуваме да постигнеме зголемено производство, пласман на домашните преработки и девизен прилив од извозот на домашните производи, потенцира Бабовски.

Сите целосно подготвени апликации, посочува, може да се достават лично во Агенцијата или, пак, да се испратат со препорачана пратка по пошта до крајниот рок 26 февруари 2020 година.