Академик Блаже Ристовски – афирматор на својот народ

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА 

Академик Блаже Ристовски е македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и политичар. Тој како верен и доследен следбеник на Мисирковите идеи се придржува на фактите и во својата научно-истражувачка работа секогаш поаѓа од нивната изворност, автентичност и непорекливост. Во исклучително плодните творечки години тој темелно го истражува и научно ги согледува централните пројави во нашата историја на Македонија и македонскиот народ.

Како резултат на неговите научни постигнувања, патриотскиот дух и неговите погледи за иднината на Македонија, Ристовски беше избран за потпретседател во првата Влада на Република Македонија во 1991година. Во исто време беше избран за претседател на Републичката комисија за односи со верските заедници на Република Македонија, а авторот на овие редови Славе Катин беше избран за потпретседател на Комисијата. Тие заеднички ги поставија темелите на односот и соработката на државата со МПЦ- ОА Македонската православна црква – Охридска аехиепископија и другите верски заедници.

Тогаш започна силен подем на формирање и изградба на македонски православни цркви и црковни општини во Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, а со тоа и големо признание на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија.

Како истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, академик Ристовски објавил повеќе од 30 книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и повеќе од 800 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во светот. Тој е уредник на првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ.

Блаже Ристовски е истакнат деец и почитуван Македонец како во родната земја, така и во македонската дијаспора. Со своите дела ја покажал и докажал вистината за Македонија, трасирајќи го патот кон вечната иднина на Македонија. Затоа, често се вели дека неговите дела се огледало на вистината за македонските дејци во многу балкански и европски земји, особено во Русија за изминатите два века.

blazeristovski2

Кавадарци

Академик Блаже Ристовски е роден во селото Гарниково, Кавадаречко на 21 март 1931 година, ( почина на 28 ноември 2018 година во Скопје на 87 години) Денес неговото родно место е напуштено село во кое се водат само неколку жители заедно со значајниот храм „Свети Петар и Павле“. Тоа е селото во кое Мустафа Кемал – Ататурк  се криел во 1908 година за време на Младотурската револуција. Тоа е местото од каде му е потеклото на Блаже Ристовски.  А, тој потекнува од едно македонско патриотско семејство кое директно било вклучено во македонското револуционерно ослободително движење. Имено, неговиот дедо Ристо бил деец на Македонската револуционерна организација, кој поради својата активност бил на три пати осудуван на по сто и една година затвор како селски началник на Организацијата.

Во времето кога Ристовски бил во детските години во селото Гарниково имало и училиште. Таму тој го завршил своето основно образование, а гимназија завршил во Кавадарци, Филолошки факултет во Скопје во 1955 година, а во 1965 година станал доктор по филолошки науки. Потоа, во 1943 година, се вклучил во Народноослободителната борба на македонскиот народ. Иако сé уште не бил доволно свесен и информиран, учествувал на собирите во Кавадарци каде се зборувало за слободата. Затоа, во 1945 година учествувал во формирањето на конспиративната група „Македонска активна народно-комунистичка организација“ (МАНКО)..

Блаже Ристовски ја започнал својата научна дејност уште како студент на  Филозофскиот факултет во Скопје. Првиот истражувачки труд го објавил во органот на Катедрата за јужнословенски јазици „Македонски јазик“. Во текот на редовното студирање Работел како главен уредник на списанието „Народно здравје“ и бил шеф на Отсекот за печат во Институтот за здравствено просветување во Скопје (1953 – 1955).

По едногодишно професорување во Кавадарци (1956/57), се вратил во Скопје и работел како јазичен редактор на Радио Скопје (1957 – 1961). Како лектор за македонски јазик и предавач за македонска литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961 – 1966) ги водел и предавањата на Педагошката академија во Марибор (1965 – 1966).

По одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – животот и делото“ во 1965 година бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Таму го покренал и го уредувал списанието „Македонски фолклор“; Основач и претседател е на биеналниот „Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид“; Организирал успешна теренска собирачка дејност на македонските народни умотворби, а ја конципира и издавачката дејност на Институтот за фолклор.

Со осамостојувањето на Република Македонија академик Блаже Ристовски бил избран за прв потпретседател на првата Влада на Република Македонија (1991 – 1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993 – 1995). Меѓу другото, бил член на редакциите на списанието „Етнологија Славица“ (Братислава), „Демос“ (Берлин), „Народно стваралаштво Фолклор“ (Белград), „Погледи“, „Современост“, „Гласник на Институтот за национална историја“ (Скопје) и др.

Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет цивилизации (Сорбона III) во Париз (1986 и 1992) и секретар на МАНУ (1999 – 2002).

Како истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, објавил повеќе книги за развојот на македонската културно-национална мисла и статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство.. Посебно ги истражувал и ги афирмирал националните дејци од XIX и XX век: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓија М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Никола Вапцаров, Тодор Чопов и др.

Во неговите трудови донесе нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата, на научната јавност и претстави низа пројави, настани и процеси и цела плејада заслужни профили од македонското културно- национално минато. Коавтор е на пет учебници по историја за основно и средно образование.

Негови дела се: „Крсте П. Мисирков“ (1874 – 1926)“ (1966), „Вардар, научно-литературно и општествено-политичко списание на К. П. Мисирков“ (1966), „Лозарите во развитокот на македонската национална мисла“ (1968,) „Македонскиот народ и македонската национална свест“. (1968) „Крсте Мисирков“ (1968), „Наце Д. Димов (1876-1916)“ (1973), „Ѓорѓија М. Пулевски и неговите книшки“ „Самовила Македонска“ и „Македонска песнарка“ (1973), „Македонски народноослободителни песни“ (1974), „Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно литературно другарство во Петроград“, „Прилози кон проучувањето на македонско-руските врски и развитокот на македонската национална мисла“, во две книги (1978), „Македонскиот стих 1900-1944“, две книги (1980), „Пројави и профили од македонската литературна историја“, две книги (1982), „Македонскиот народ и македонската нација“, две книги (1983), „Кочо Рацин. Историско-литературни истражувања“ (1983), „Васил Икономов (1848 – 1934)“ (1985), „Крсте Мисирков (1874-1926)“ (1986), „Македонскиот фолклор и националната свест“, две книги (1987), „Портрети и процеси од македонската литература и национална историја“, три книги (1989-1990), „Беседа за делото на Вапцаров“ (1990), „Крсте П. Мисирков, Одбрани страници“ (1991), „Рациновите македонски народноослободителни песни“ (1993), „Македонски летопис“, две книги (1993), „Македонија и македонската нација“ (1995), „Ѓоргија М. Пулевски, меѓник во нашата културно-национална историја“ (1996), Предговор кон Цеко Стефанов Попиванов „Земјата, драма во три чина“ (1996), „Димитрија Чуповски и македонската национална свест“ (1996), „Националната мисла на Мисирков“ (1997), „Раните ракописи на Крсте П. Мисирков на македонски јазик“ (1998), „Димитар В. Македонски“ (1999), „Историја на македонската нација“ (1999), „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, (2009). „Избрани дела во пет тома“ (2012) и „Избрани дела во десет тома“ (2015).

blazeristovski3

МАНУ

Меѓу објавените дела за читање во целост се: статијата „Беседа за делото на Вапцаров“ (1990), научен труд „Ѓорѓија Пулевски – меѓник во нашата културно-национална историја“ (1996), книга „Димитар В. Македонски“ (1999), научен труд „Македонската колонија во Петроград и односот кон Балканските војни и Првата светска војна“ (2014).

Се чини избраните дела од академик Блаже Ристовски во десет тома се неговиот врв во издаваштвото. Тие беа промовирани на 19 март 2015 година во Македонската академија на науките и уметностите, а по повод 85 години од раѓањето на авторот и шест децении од неговото научно творештво.

Во десетте тома и на повеќе од осум илјади страници, познатиот научник академик Блаже Ристовски пишува за теми од македонската историја, литература, публицистика и македонскиот фолклор, за словенската писменост и христијанизацијата, државните формации во Македонија во средновековието, за преродбата и борбата за обнова на Охридската архиепископија.

Ристовски е проучувач на македонскиот културно-национален развој, на творештвото на македонските просветители, преродбеници, учебникари, собирачи на народни умотворби. Тој со своите истражувања го афирмирал и Македонското научно-литературно другарство во Петерсбург.

Тоа е прв избор од неговото научно творештво кој содржи сé што се однесува на појавата, развојот и афирмацијата на македонската национална мисла и акција. Тука е националната историја, литературата, јазикот, фолклорот, етнографијата, балканската политика, македонската држава и развојот на македонската свест, особено во XIX и XX век, до формирањето на македонската национална држава Република Македонија.

Продолжува

 G6

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН