Спасовски – Местерхази: Државата е на добар пат и е кредибилен партнер на НАТО

Охрабрување дека државата е на добар пат, дека продолжува со потребните реформски процеси, како и очекување дека сето ова ќе биде потврдено и од ЕУ со почеток на преговорите на нашата држава со Унијата, беше истакнато на денешната средба на премиерот Оливер Спасовски со в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Атила Местерхази.
На средбата, како што соопштуваат од владината прес-служба, се упатени честитки за успешната ратификација на Протоколот за членство во НАТО, вчера во Парламентот, од страна на сите политички субјекти. Истакнато е дека членството во НАТО е големо богатство за народот во нашата земја и за државава, но и за НАТО Алијансата, којашто во Република С. Македонија гледа активен и кредибилен партнер и фактор на стабилност во регионот и Западен Балкан, што е стратешка цел на НАТО.
Премиерот Спасовски се заблагодарил на в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО за присуството на вчерашната ратификација во Парламентот и за огромната поддршка што ја дава НАТО за стабилноста и сигурноста на нашата земја и на целиот регион.
– Во финишот сме на процесот за полноправно членство во НАТО, иако пред само две и пол години нашата држава беше во голема политичка криза. Тоа е голем пресврт на кој што сме горди како Влада и како народ. Подготвени сме да ги преземеме сите потребни обврски со полноправното членство во НАТО.
До денеска правиме се што е можно, да ги дополниме позитивните аргументи за позитивна одлука од ЕУ за започнување преговори. Голема е мотивацијата на Владата во посветеноста на двете стратешки државни цели, посебно што интеграциите и во НАТО и во ЕУ се подеднакво значајни за стабилноста и економски развој, рече Спасовски.
На состанокот, како што се вели во соопштението, е посочена важноста на реформските процеси и на целосната реализација на договорите со Бугарија и со Грција. Исто така, констатирана е неопходноста сите во државата со своите активности да го продолжат фокусот кон евроатлантските перспективи и со тоа да придонесат кон добрата иднина на граѓаните и на државата.