Спасовски бара разрешување на Мизрахи

Премиерот Оливер Спасовски до Собранието достави предлог со кој се бара од пратениците да ја разрешат министерката Рашела Мизрахи, потврдија за МИА од Владата.

-Премиерот и Владата имаат обврска да обезбедат заштита на Уставот на Република С. Македонија. Имајќи предвид дека министерката Мизрахи свесно и намерно го крши Уставот и со тоа ја загрозува евроатланската иднина на земјата, премиерот до Собранието достави предлог за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика, Мизрахи, велат од Владата.

Барањето за разрешување следува откако министерката Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“. Ставот на Мизрахи е дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.

Според Уставот за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.